Клуч за разбирање на цензурата во Србија | Правдико

Правдико

   

Клуч за разбирање на цензурата во Србија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со изјавата дека се „потребни докази за кршењето на слободата на медиумите во Србија“, еврокомесарот Јоханес Хан повторно на дневен ред ја врати дебатата за состојбата на медиумските слободи во Србија.

0,,17606787_303,00

По изјавата на комесарот Хан, сите кои предупредуваа на лошата ситуација на медиумската сцена во Србија, беа дополнително збунети, зашто токму Европската комисија во својот Извештај за напредокот на Србија во евроинтеграциите критикуваше области како слободата на медиумите. Така се стигна до чудна ситуација: европските функционери на некој начин да се демантираат сами себе си и своите извештаи. Власта, се разбира, беше задоволна со ваквата формулација на еврокомесарот, но од ЕК недолго потоа стигна и дообјаснување, според кое „слободата на медиумите останува критичка тема во процесот на приближување кон ЕУ и таа политика не е променета“. По ова, сите продолжија да ја посматраат медиумската ситуација како и порано: власта како се‘ да е во ред и како да нема никакви проблеми во медиумската сфера, а новинарските здруженија, медиумите и невладините организации продолжија со предупредувања поради големите притисоци кои ги трпат медиумите и за загрозеност на медиумската слобода.

Цензура и билтенизација на медиумите

„Проблемите кои постојат на медиумската сцена на Србија се цензурата и т.н. билтенизација“, вели за Дојче веле социологот Зоран Гавриловиќ од Бирото за општествени истражувања, БИРОДИ.

„Тоа е резултатот од нашиот мониторинг врз медиумите што го вршиме од 2012 година. Релевантноста на темите и на актерите кои се појавуваат во медиумите укажуваат на цензура. Има бројни примери: укинувањето на емисијата „Впечаток на неделата“, која беше гледана и имаше своја општествена улога, укажува на цензура, потоа тука е и прашањето колку општествено-маргиналните групи и малцинствата се застапени во медиумите. Сега го имаме случајот Зајечар, каде поголем број граѓани се буни против локалната власт, а таа тема ја нема во медиумите. Од друга страна, билтенизацијата на медиумите едноставно значи – голем број медиуми имаат само функција на пренесување нечии ставови и на тој начин партиските лидери и државните функционери се претставуват само во позитивна светлина. Така, политичарите од десет минути, во девет раскажуваат што тие ќе работат, а новинарите не ги прекинуваат,“ вели Гавриловиќ.

„Ние на крајот на минатата година направивме истражување на примерок од 1300 испитаници, прашувајќи ги граѓаните колку медиумите им помагаат во остварување на нивните права, предвидувањето настани во општеството, решавање на нивните проблеми и следење на работата на владата“, истакнува Зоран Гавриловиќ.

„Само секој петти анкетиран даде потврден одговор. Очигледно е дека медиумите не ја вршат својата функција и работат нешто друго наместо да ги информираат граѓаните. Ако се погледне извештајот на Советот за борба против корупцијата, како и анализата на БИРН (невладина непрофитна организација која се занимава со мониторинг и анализа на општествените и политички процеси, посебно улогата на медиумите во нив, н.з), за тоа кој го контролира рекламниот простор во Србија, ќе видите дека по 2000 година останал ист механизам, а се променила само управувачко-менаџерската структура на оние кои ја контролираат продажбата на рекламниот простор во Србија. Тоа е клуч за разбирање на цензурата и билтенизацијата на медиумите во Србија“, вели Гавриловиќ.

Полтронски расположени медиуми

„Србија главно не се разликува од останатите земји во транзиција кога станува збор за ситуацијата во медиумите,“ истакнува за Дојче веле Велимир Ѓургуз Казимир, основач на медиумскиот архив Ебарт.

„Значи, постојат одредени интереси за некои информации помалку, а некои повеќе да се промовираат во јавноста. Медиумите се покоруваат на тоа, посебно кога знаеме дека и медиумите поминуваат низ одредени транзициски проблеми, дека се изложени на финансиски притисоци и зависат од огласувачите. Поради тоа новинарите и уредниците често пишуваат онака како што претпоставуваат дека ќе и‘ се допадне на власта или на оние кои ги контролираат финансиите. Така, ни се случува да имаме медиуми за кои ни се чини се премногу полтронски расположени кон актуелната власт околу некои теми, се недоволно критички, не се занимаваат со теми кои би биле од интерес на јавноста,“ потенцира Ѓургуз Казимир.

„Докази за кршење на слободата на медиумите во Србија секако постојат“, наведува Зоран Гавриловиќ.

„Постои извештај на Советот за борба против корупцијата за медиумите, постои анализа на БИРН, постојат мониторинзи кои сме ги вршеле, а се надевам и дека постојат докази за тоа и во Републичката радиодифузна агенција, РРА. Всушност, цензура и дали ја има ќе биде веројатно тема и на Поглавјето 10 во преговорите со ЕУ, така што приказната за состојбата на медиумите не зависи само од оценката на некој политичар или дипломат“, вели Гавриловиќ.

„Притоа, важно е да се каже колку е битно нашето општество да ја сфати важноста на слободата на медиумите, зашто ЕУ може на тоа прашање да не инсистира премногу, доколку некои други поглавја, првенствено 35 и Косово се решат на задоволителен начин. Во таа смисла, јас сум на мислење дека без владеење на правото, слобода на говорот, слободни медиуми и демократско општество, ние нема да имаме ни квалитетни инвестиции, ни отворање нови работни места. Наместо тоа, ќе го добиваме она што го добивавме и досега: валкан капитал кој не носи нови технологии и кој од приватизацијата направи механизам за перење пари“, предупредува Гавриловиќ.

Граѓаните сакаат поквалитетни медиуми

„Нашите истражувања исто така покажуваат дека граѓаните имаат потреба од поквалитетни медиуми и оти се подготвени и да платат за тоа, а мислам и дека нашите медиуми за тоа воопшто не се свесни“, вели Гавриловиќ.

„Медиумите овде и натаму се навикнати и свртени кон државата, кон донаторите, односно пред се‘ подготвени се да користат пари од т.н. сигурни фондови, отколку да бидат сервис на граѓаните.“

„За се‘ ова за што сега зборуваме јавноста би требало да биде известена и од РРА, а врз основа на нивните мониторинзи, на кои се обврзани со закон, тие од Агенцијата треба да кажат и дали има или нема цензура во медиумите“, оценува Гавриловиќ.

„Она на што често свртуваме внимание е и синдикалното организирање на новинарите, кое моментно е многу слабо. Тоа е приказна за заштита на своите права и пружање солидарност на колегите кои знаат дека ќе останат без работа ако напишат некој текст што ќе биде цензуриран. Треба да се зајакне улогата на професионалните и струковите здруженија“, смета Гавриловиќ.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико