Коевски во судска битка за поништениот избор за декан
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Несудениот декан на Правниот факултет покрена управен спор против одлуката на второстепената комисија за инспекциски надзор
Професорот по деловно право, д-р Горан Коевски, не се откажува од правната битка за да докаже дека неговиот избор за нов декан на Правниот факултет е спроведен во легална постапка. Несудениот декан, во петокот, повел управен спор против решението на Државната комисија за одлучување во втор степен, во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Со решението, како што веќе пишувавме, му се наложува на факултетот да ја поништи Одлуката за започнување на постапка за избор на декан донесена од страна на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на 13 мај оваа година.
Во тужбата, Коевски се осврнува на вонредниот надзор што го спровел Државниот просветен инспекторат над законитоста на Одлуката за избор на декан. Надзорот, според него, требало да утврди дали се исполнети правните претпоставки за донесување на одлуката, а кои се пропишани во Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. А, тоа се: дали таа е донесена пред да започне периодот од шест месеци од истекот на мандатот на деканот Борче Давитковски и дали одлуката ја донел Наставно-научниот совет на Факултетот, кој е надлежен орган.
Коевски смета дека и двете претпоставки се исполнети целосно.
„Наместо со утврдување на факти, инспекторите се занимавале со други прашања: дали оставката на Давитковски претставува автоматски престанок на функцијата на декан пред истекот на мандатот; зошто ректорот на УКИМ се’ уште не се изјаснил по оставката; зошто ректорот не донел одлука за назначување на в.д. декан; кој орган е надлежен да започне постапка за избор на декан на факултетот; дали со тоа одговорните лица на УКИМ и на Правниот факултет ги повредиле одредбите на Законот за високото образование и општите акти на УКИМ и на Правниот факултет и слично“, вели Коевски.
Тој нагласува дека фактите што ги утврдил Државниот просветен инспектор би биле решавачки доколку надзорот требало да утврди дали закажувањето и водењето на седницата на Наставно-научниот совет од 13 мај, од страна на деканот во оставка, било спротивна на Законот за високото образование и на актите на УКИМ. Имено, доколку Државниот просветен инспектор утврдел дека овие дејствија на деканот се противправни, тоа би резултирало и со противправност на сите одлуки донесени на таа седница на Наставно-научниот совет, но и на сите седници на Наставно-научниот совет што следувале по поднесувањето на оставката.
„Вака излегува дека Државниот просветен инспекторат селективно се фокусирал само на една одлука, што е далеку од секаква правна логика и расудување“, потенцира во тужбата Коевски.
Со тоа, додава тој, второстепената комисија утврдувала нерелевантни факти во поглед на предметот на инспекцискиот надзор, односно се потполно неважни за одлучување дали одлуката за започнување на постапка за утврдување на кандидат за избор на декан е законита или не. Професорот Коевски смета (впрочем, исто како и ректорот и деканот во оставка Давитковски), дека одлуката е донесена во потполно законска процедура.
На крајот, Коевски подвлекува дека „инспекторите биле во заблуда и погрешно утврдиле дека назначувањето на в.д. декан е претпоставка за започнување на редовна постапка за утврдување на кандидат за избор на декан“.
„Напротив, дали и кога ректорот ќе назначи в.д. декан во случај на престанок на функцијата на деканот пред истекот на неговиот мандат, воопшто нема влијание врз правото, но и на обврската на Наставно-научниот совет на Правниот факултет, како единствено надлежен орган, да донесе одлука за избор на декан“,потенцира Коевски.
Мотивите за ваквото решение на Инспекторатот, кое Коевски го нарекува „незаконско“ имаат, според него, само една цел – да го спречи автономниот избор на декан од страна на професорите на Правниот факултет.
Коевски минатата недела покрена и писмена петиција, со која побара поддршка од своите колеги да се самопредложи за в.д. декан на факултетот на утрешната седница на Наставно-научниот совет.
Извор: Утрински Весник