Кога може да се добие старосна пензија? | Правдико

Правдико

   

Кога може да се добие старосна пензија?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

penzijaУслови (работен стаж, возраст)

(Обновено 17.11.2014) Општите услови за пензионирање се еднакви за сите осигурени лица во задолжителниот пензиски систем (прв и втор столб): возраст од 64 години за мажи, 62 години за жени и минимум 15 години пензиски стаж. Во случај на инвалидност, правото на пензија може да се стекне пред навршување 64 години старост за мажи и 62 години за жени. Во случај на смрт на осигуреникот, правото на пензија може да се стекне за минимум 5 години осигурување или за најмалку 10 години пензиски стаж.

Повлекувањето на средствата од индивидуалната сметка во задолжителните пензиски фондови од вториот столб, пред возраста за пензионирање не е дозволено, со исклучок во случаите на инвалидност или смрт. Во случај на инвалидност или смрт на членот, средствата од индивидуалната сметка се префрлаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), којшто е овластен за исплата на инвалидски и семејни пензии. Доколку нема корисници на семејна пензија, средствата од индивидуалната сметка може да ги наследат наследниците на починатото лице.

Старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година.

Намалување на старосната граница

На осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење (бенефициран стаж),старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува зависно одстепенот на зголемувањето на стажот, и тоа за по една година за:

1) секои седум години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци;
2) секои шест години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци;
3) секои пет години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци;
4) секои четири години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци;
5) секои три години и шест месеци поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци;
6) секои три години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци;

Согласно новите законски измени на Законот за работни односи Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено, при што осигуреникот доброволно може да ја добие пензијата покасно од предвидените законски рокови 64 години за мажи и 62 години за жени .

Услови за пензија според категорија

Општи работници

Возраст од 64 години за мажи и 62 години за жени со минимум 15 години работен стаж.

Работници на опасни работни места 

За осигурениците кои работат на исклучително тешки и опасни работни места и  оние на работните места каде по одредена возраст не може да ги исполнуваат своите  професионални активности, се пресметува бенефициран стаж (види повеќе Листа на професии за кои стажот им се смета со зголемено траење).  Стапката на бенефициран стаж зависи од сериозноста на опасноста на работа, и се дели на шест групи, при што секои 12 месеци ефективна работа се пресметуваат како 13, 14, 15, 16, 17 и 18 месеци на пензиски стаж.

Пензискиот бенифициран стаж се пресметува за вработени осигуреници со полно работно време со минимум 70% попречености, воени инвалиди, слепи лица, лица заболени од: дистрофија и слични мускулни нарушувања, церебрална и детска парализа и мултиплекс склероза. Осигурениците споменати погоре за секои 12 месеци ефективен стаж имаат 15 месеци пензиски стаж и возраста за пензионирање се намалува за една година на секои пет години ефективен стаж.

Најнизок износ на старосна пензија

Најнизок износ на старосната пензија остварена од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и пензијата остварена од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување не може да изнесува помалку од утврдената просечна плата на сите вработени во Република Македонија во 2002 година и тоа за:

– корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 41%;
– корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), во висина од 38% и
– корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), во висина од 35%

Административна постапка (потребни документи итн.)

Постапката за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување се поведува:

– по барање  на осигуреникот за остварување право на старосна пензија

– по барање на член на семејството од починатиот осигуреник или корисник на пензија за остварување право на семејна пензија

– по барање на осигуреникот или по предлог на лекарот што го лекувал осигуреникот, односно лекарска комисија за остварување на правото  од инвалидско осигурување (инвалидска пензија, паричен надоместок за телесно оштетување)

Барањето за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување се поднесува писмено на образец ЕП-10 (барање за остварување право од пензиско и инвалидско осигурување), прилог бр.1, и се поднесува до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на ПИОМ на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.

Потребни документи за остварување на правото од пензиското и инвалидското осигурување за старосна пензија:

работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е упишан во работната книшка (решенија, уверенија, потврди и др.)

извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број, или лична карта на увид

решение за престанок на работниот однос, односно престанок на осигурувањето (образец М2).

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

Препорачуваме

Партнери на Правдико