Кога можите да користите авторско дело без надомест | Правдико

Правдико

   

Кога можете да користите авторско дело без надомест

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

intelectualКористењето авторско дело без плаќање надоместок се однесува на следниве случаи:

1) времено умножување авторско дело, кога умножувањето е од минлив или случаен карактер и/или е составен и суштински дел на технолошки процес, доколку умножувањето само за себе нема независно економско значење и чија единствена цел на умножувањето е да овозможи пренесување податоци во мрежа меѓу трети лица преку посредник или да овозможи законско користење на делото;

2) умножување што се врши од страна на јавни библиотеки, образовни институции или музеи и архиви заради остварување на нивната дејност и без непосредна или посредна економска или комерцијална цел;

3) снимање авторско дело од страна на радио-телевизиска организација што има дозвола за емитување на делото, доколку го сними со сопствени средства и за сопствени потреби и под услов да го избрише во рокот во кој ја има дозволата за емитување. Доколку снимката има посебна документарна вредност може да биде предадена и сочувана во јавен архив;

4) користење дела заради илустрирање во образовни или научни истражувања до степен оправдан со некомерцијалната цел што треба да се постигне, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

5) користење авторски дела за потребите на лица со посебни потреби на начин кој е непосредно поврзан со посебната потреба, до степен што таа го бара и без комерцијална цел;

6) умножување и јавно соопштување написи, статии и други слични дела за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, заради известување на јавноста, до степен оправдан со целта, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

7) користење делови на авторски дела (цитати), во научни истражувања, за настава, критика, полемика или преглед, во обем и до степен потребен за конкретната намена и под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

8) користење дела за целите на јавната безбедност или во судска, парламентарна или административна постапка;

9) користење политички говори, како и извадоци од јавни предавања и слични дела до степен оправдан со информативната намена, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;

10) користење дела за време на верски обреди или други службени одбележувања организирани од органите на државната власт и единиците на локалната самоуправа;

11) користење архитектонски и вајарски дела трајно сместени на јавни места (улици, плоштади, паркови и слично);

12) користење дела од областа на ликовната и применетата уметност, архитектурата, индустрискиот дизајн и фотографските дела изложени на јавни изложби или на аукција од страна на организаторот, на плакати или каталози изработени без комерцијални цели до степен неопходен за промовирање на настанот;

13) преработка на дело во пародија, карикатура или пастиш, под услов преработката да не создава забуна во однос на оригиналот на делото и авторството и ако преработката е во рамките на дозволеното користење на делото;

14) умножување авторско дело на носач на тон и слика, јавно соопштување на делото од тој носач, како и јавно соопштување на делото што се емитува, во продавници, на саеми и други места каде што се демонстрира работата на апарати за снимање, умножување и пренесување на тон и слика, во мерка што е неопходна за демонстрирање на работата на апаратите. Записите/снимките создадени по оваа основа веднаш се бришат;

15) случајно (споредно) вклучување авторско дело во друг материјал;

16) користење цртежи или проекти на архитектонски објект заради негова реконструкција и

17) јавно соопштување и ставање на располагање на јавноста на авторско дело заради истражување или лично усовршување на определени места во јавни научни, културни, образовни и други установи од сличен карактер, доколку делото не може да се купи, или за негово користење не е потребна дозвола, а е дел од колекциите/фондот на установите.

Користењето база на податоци или нејзини примероци од страна на законскиот корисник е без плаќање надоместок, доколку е неопходно за пристап и вообичаено користење на нејзините составни содржини.

Исто така користење дело од народното творештво е без надоместок. Народното творештво се користи на достоен начин, без сакатење и под услов да е наведен изворот и потеклото на делото. За остварување на правата  е надлежна јавната и научната установа – Институт за фолклор “Марко Цепенков” – Скопје.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Уметноста и авторското право

– Што се подразбира под авторско дело?

– Авторско право и сродни права за електронски медиуми

Препорачуваме

Партнери на Правдико