Кога се поведува стечајна постапка?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат со цел да може повторно да функционира.
Стечајната постапка нема за цел проста ликвидација на фирмите, туку напротив дека се дадени можности за колективно намирување или со престанок на деловниот потфат или со реорганизација на должникот со одложено плаќање но со повисок процент на намирување на доверителите. Но сето тоа зависи од односот на висината на обврските на должникот и вредноста на имотот од кој по впаричувањето се намируваат доверителите.
Стечајната постапка може да се спроведе врз правно лице но и на поединец кој имал регистрирано вршење дејност, над имот на стопанска интересовна заедница, над имот на умрено лице и над заедничкиот имот на брачните другари.
Единствено Стечајна постапка не може да се спроведе над имотот на Република Македонија, над фондовите што се финансираат од Буџетот на Република Македонија, фондовите за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, единиците на локалната самоуправа, над органите на државната управа, како и на други правни лица со јавно овластување, ако тие со закон се изземени од стечајната постапка.
Стечај или реорганизација над стечајниот должник се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање а тоа е ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање, За тоа дека должникот е неспособен за плаќање се докажува со потврда издадена од Централниот регистар.
Стечајната постапка се поведува по предлог, кога должникот ќе утврди дека не е способен да ги намири долговите и тоа најдоцна во рок од 21ден откако констатирале причини за отворање на постапката.
Месно надлежен е судот на чие подрачје се наоѓа седиштето на должникот така што еднаш заснована месна надлежност на судот, од денот на поднесувањето на предлогот за отворање стечајна постапка, не може да се измени без оглед на околностите на случајот.Судот кој донел решение за отворање на стечајната постапка е исклучиво надлежен за решавање по тужбите за утврдување на оспорените побарувања кои настанале по отворањето на стечајната постапка. Сите списи од постапката која се води во месно надлежниот суд се достапни на сите учесници во постапката.
Кога е поднесен предлог за стечајна постапка, должникот мора да ги стави на располагање и да ги достави до стечајниот судија сите податоци и известувања што од него ќе бидат побарани во врска со работењето на должникот, да предаде писмен извештај за економско финансиската состојба кај должникот, кога самиот предлага стечај. За вистинитоста на извештајот членовите на органите на должникот или должникот поединец одговараат кривично и материјално.
Освен на стечајниот судија, потребните информации мора да се дадат на привремениот стечаен управник, на стечајниот управник, одборот на доверители и собранието на доверители доколку стечајниот судија тоа го наложи. Мора да се изнесат дури и оние факти што можат да доведат до кривично гонење.
Кога е отворена стечајна постапка должникот не смее да располага со сопствените жиро сметки, да го користи сопствениот печат, да подигнува кредити и позајмици, односно да го задолжува друштвото, да врши исплати на обврски или да работи со готовински плаќања.
Доверителите се должни навреме да го пријават своето побарување во рокот објавен во огласот за отворање на стечајна постапка, со писмена пријава во прилог на која ќе се достави доказ за побарувањето;
Исто така и работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и не им уплатил придонеси од плата 3 месеци последователно, имаат право да покренат иницијатива пред надлежен суд за престанок на работодавачот.Во случај на отворање на постапка за престанок на работодавачот – стечај, престанува да важи договорот за вработување . Со тоа вработените повеќе не примаат плата, нити имаат било какви права од работен однос. Единствено стекнуваат статус на работници кои заради стечај останале без работа и имаат права пред Агенцијата за вработување на РМ.Последните 3 плати и придонеси од плата на вработените, во период пред отворањето на стечајната постапка, претставуваат обврски од повисок ранг во стечајната постапка и се исплаќаат пред останатите обврски на работникот.
И покрај тоа што е судска постапка стечајната постапка се разликува од другите постапки особено од парничната постапка, вонпарничната и постапката за извршување. Тоа што ја прави постапка ,,суи генерис,, се органите на постапката и целите на постапката.
Сличноста со постапката за извршување е единствено намирувањена доверител кој во постапката за извршување се намирува поединечни и целосно додека разликата е во тоа што во сечај намирувањето е колективно и процентуално.
Органи кои ја спроведуваат стечајната постапка:
Стечајниот судија е орган на стечајната постапка кој што како судија го води случајот од приемот на предлогот за отворање на стечајна постапка доставен до месно надлежниот основен суд, па се до нејзино заклучување.
Стечаен управник -тоа е физичко лице кое има лиценца за вршење на работите на стечаен управник или јавно трговско друштво или друштво со ограничена одговорност основано само за вршење на работи на стечаен управник.
Одборот на доверители го сочинуваат претставници на:разлачни доверители, а тоа се доверители кои своето побарување го обезбедиле со залог, доверители со најголеми побарувања, доверители со мали побарувања. Бројот на членовите на одборот на доверители не може да биде поголем од 11 члена.
Собрание на доверители го сочинуваат сите доверители кои учествуваат во работата на собранието.
Случаи во кои отворената стечајна постапка не се спроведува
Ако се утврди дека имотот на должникот што би влегол во стечајна маса не е доволен ни за намирување на трошоците за таа постапка или е со незначителна вредност, стечајниот судија спроведува претходна постапка. По спроведувањето на претходната постапка стечајниот судија ќе донесе решение за отворање и заклучување на стечајната постапка. Во тој случај стечајната постапка нема да се спроведе. Решението се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Ако се утврди дека имотот на должникот од е недоволен, стечајниот судија ќе донесе решение за спроведување постапка за впаричување на имотот и добиените средства ќе ги употреби за намирување на настанатите трошоци на стечајната постапка. Впаричувањето се врши: со прибирање на затворени понуди, со јавно наддавање и со директна спогодба.
–ПРАВДИКО–