Кои надлежности ги има градоначалникот?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Општината претставува единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје, утврдено со закон, која преку своите органи и преку администрацијата и организираните јавни служби, овозможува вршење на надлежностите пропишани со закон. Органи на општината се: советот и градоначалникот. Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.(види повеќе во Улогата на општинските совети)
Градоначалникот претставува извршен орган на општината кој се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.
Надлежности на градоначалникот
Градоначалникот ги има следниве надлежности:
– Ја претставува и застапува општината;
– Ја контролира законитоста на прописите на советот;
– Ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината;
– Го обезбедува извршувањето на одлуките на советот,
– Го обезбедува извршувањето на работите коишто со закон и се делегирани на општината;
– Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот;
– Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
– Го извршува буџетот на општината;
– Избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
– Редовно го известува советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со статутот;
– Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон;
– Донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
– Раководи со општинската администрација;
– Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон.
– Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на општината, во согласност со закон и статутот и
– Врши други работи утврдени со закон и со статутот.
Контрола на законитоста на прописите пред нивното објавување
Ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето. Советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението , да го разгледа решението и да одлучи по него. Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
За иницијативата градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Извршување на функцијата градоначалник
Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од претходниот градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот.Градоначалникот ја врши професионално својата функција. За време на вршењето на функцијата градоначалникот не може да врши друга професионална дејност.
Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во советот. Градоначалникот определува кој од членовите на советот ќе го заменува во случаи на спреченост или отсуство, во согласност со постапка утврдена со статутот.
Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавните служби, исто така не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.
Престанок на мандатот на градоначалникот
На градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност; -ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори;
– во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.
За оправданоста на отсуството одлучува советот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на советот. Членот на советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаите погоре е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од ја известува Владата на Република Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од погоренаведените случаи и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.
Советот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата , ќе избере еден од членовите на советот кој ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот. На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник . Изборите нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци.
–ПРАВДИКО–