Кои погодности може да ги имаат осудените лица | Правдико

Правдико

   

Кои погодности може да ги имаат осудените лица

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

idrizovo-zatvor-D-Andonovski_33За доброто поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувството за одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, на осудените лица можат да им се дадат одделни погодности.

Погодностите претставуваат збир на мерки за поттикнување на довербата на осуденото лице, ублажување на затворската дисциплина и негативните влијанија на затворањето, одржување на односите со семејството и надворешниот свет, поттикнување на учеството на осуденото лице во остварувањето на процесот на ресоцијализацијата, јакнење на одговорноста и самодовербата заради негово оспособување за живот во согласност со правниот поредок и исполнување на граѓанските обврски.

Погодностите се состојат од:

– ублажување на условите во установата и

– почести контакти со надворешниот свет.

Видот и обемот на погодностите зависи од степенот на обезбедување и  ограничување на слободата на движење на осуденото лице во установата, неговото поведение и постигнатите резултати во спроведувањето на индивидуалната програма за извршување на казната затвор.

Ублажување на условите во установата

Уредување на животниот простор со лични предмети

Уредувањето на животниот простор со лични предмети се состои во овозможување осуденото лице да го уреди животниот простор   во казнено-поправната установа со: фотографии, слики, собно цвеќе, предмети, сопствено ќебе, ТВ апарат, аудио апарати (радиоапарат, МП3) или други работи кои ги изработило осуденото лице во своето слободно време кои се со примерна етичка содржина и со кои не се нарушува функционалноста на животниот простор, кои не им пречат на останатите осудени лица кои престојуваат во истата просторија и не е во спротивност со одредбите од Куќниот ред на Установата.

Почесто примање на пратки и примање на пратки со поголема тежина

Осуденото лице може да прима една пратка повеќе од предвидениот број на пратки утврден со Куќниот ред на установата во текот на еден месец, чија тежина не може да биде поголема од 10 кг.Примањето на пратки со поголема тежина се состои од можноста осуденото лице да прими една пратка повеќе од предвидениот број на пратки утврден со Куќниот ред на установата, чија тежина не може да биде поголема од 15 кг.

Почести контакти со надворешниот свет

Продолжени посети или посети без надзор во просториите на установата

На осуденото лице  може да му се одобри  користење на продолжени посети во траење од 90 минути во деновите предвидени со Куќниот ред на установата. На осуденото лице може да му се одобри посета без надзор во просториите на установата во траење до 60 минути во деновите предвидени со Куќниот ред на установата.

Телефонирање без надзор

На осуденото лице може да му се одобри телефонирање без надзор најмногу четири пати во текот на месецот  во време определено со Куќниот ред на установата.

Престој со брачен или вонбрачен другар во посебна просторија без надзор

Осуденото лице може да престојува со брачниот или вонбрачниот другар во посебна просторија без надзор по два месеци од извршената класификација и тоа во траење од 90 минути во текот на еден месец во деновите предвидени со Куќниот ред на установата. Со погодноста од , осуденото лице може да се стекне доколку достави извод од матична книга на венчаните.

Осуденото лице може да престојува со вонбрачниот другар во посебна просторија без надзор доколку го пријави својот вонбрачен другар со изјава која своерачно ја потпишува во текот на престојот во приемното одделение, а вонбрачниот другар треба да обезбеди изјава заверена на нотар и да ја достави до установата.

Посети надвор од просториите на установата

На осуденото лице може да му се одобри користење на  посети надвор од просториите на установата со посетител во траење од четири часа во текот на еден месец во општината каде што се наоѓа седиштето на установата. Посетител може да биде лице од потесното семејство на осуденото лице или лице кое претходно е пријавено во картонот за посети.

Слободен излез од установата до седум часа

На осуденото лице може да му се одобри слободен излез од установата до седум часа во општината каде што се наоѓа седиштето на установата или во местото на живеење.

Отсуство до 15 дена во текот на годината

На осуденото лице може да му се одобри отсуство до 15 дена во текот на годината во местото на живеење или во друго место што претходно го најавил, со тоа што отсуството во текот на месецот не може да биде подолго од три дена.

Целосно или делумно користење на одморот надвор од установата

Осуденото  лице  може  целосно  или  делумно  да  го  користи  одморот  надвор  од установата  доколку е непрекинато работно ангажирано повеќе од шест месеци.     Бројот на денови што може да ги користи осуденото лице од првиот дел од одморот не може да биде помал од 12 дена.

Осуденото лице може да ја користи погодноста  во местото на живеење или во друго место што претходно го најавил.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Како се врши распределбата на затворениците во затворите низ РМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико