Кои се должностите во случај на сообраќајна незгода
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Лицето кое ќе се затекне или ќе наиде на место на сообраќајна незгода во која има повредени лица, во рамките на своите знаења и способности им укажува помош на лицата повредени во сообраќајната незгода.
Учесникот во сообраќајна незгода во која е загинато или повредено лице или настанала голема материјална штета, како и во случај кога настанала мала материјална штета, а не се исполнети условите за пополнување на Европски извештај е должен:
– да остане на местото на сообраќајната незгода, со тоа што може привремено да се оддалечи само заради давање помош на лицата повредени во сообраќајната незгода или ако нему му е потребна лекарска помош во спротивно е пропишана казна од 250 евра,
– да преземе соодветни мерки заради отстранување на нови опасности кои можат да настанат на местото на сообраќајната незгода, а особено: да го постави посебниот знак за означување на запрено возило на коловозот или со други соодветни знаци да ги извести учесниците во сообраќајот за настанатата опасност, да го обезбеди возилото од самотргнување, да го обезбеди товарот на возилото да не падне или да не се растури по коловозот, да преземе мерки за спречување на избувнување пожар или експлозија и слично, во спротивно предвидена е казна од 300 евра, и
– за сообраќајната незгода да го извести Министерството за внатрешни работи и да се врати на местото на сообраќајната незгода и да го пречека доаѓањето на полицискиот службеник кој врши увид во спротивно е предвидена казна од 250 евра.
Учесникот во сообраќајна незгода при преземање на овие дејствија, е должен да настојува да не се промени состојбата на местото на сообраќајната незгода со цел да се зачуваат постојните траги, само под услов со тоа да не се загрозува безбедноста на сообраќајот. Во ваквите ситуации Министерството за внатрешни работи за сообраќајната незгода во која е загинато или повредено лице, е должно веднаш да ја извести најблиската здравствена установа.
Превоз на повредени
Возачот кој ќе се затекне или ќе наиде на место на сообраќајна незгода е должен на барање од полицискиот службеник на Министерството за внатрешни работи, да го превезе лицето повредено во сообраќајната незгода до најблиската здравствена установа.
Возачот е должен да го превезе повреденото лице дури и пред доаѓањето на полицискиот службеник на Министерството за внатрешни работи, освен ако незгодата се случила на место на кое може да очекува брзо доаѓање на возило на брза помош или ако возачот заклучи дека со нестручен и несоодветен начин на превоз, состојбата на повреденото лице може да се влоши. Доколку не се постапи според горенаведеното предвиден е казна во износ од 250 евра во денарска противвредност.
Отстранување на возило од местото на сообраќајната незгода
Возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета се должни откако ќе го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода, веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и притоа не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.
Европскиот извештај за сообраќајна незгода не се пополнува и потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и односно настанала голема материјална штета. Во спротивно полициските службеници на Министерството за внатрешни работи, се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода и да состават записник за увидот.
Случаи во кои полицијата е должна да излези на местото на сообраќајната незгода
Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи, се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случаи кога:
– едно од возилата нема регистарски таблици или истото не е осигурано,
– едно од возилата има странска регистарска таблица,
– еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанци,
– еден од возачите не поседува возачка дозвола од соодветна категорија,
– на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило во возачката дозвола,
– еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци односно податоците за возилото,
– еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода или
– ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.
Полицискиот службеник на Министерството за внатрешни работи кој врши увид, е должен да организира попис на имотот што на местото на настанот останува од лицето кое во сообраќајната незгода загинало или е тешко повредено, да го извести правното лице што отстранува возила и предмети од патот или заинтересираното лице и да даде помош заради заштита на имотот, ако на местото на настанот нема лице кое тој имот може да го преземе.
При вршење на увид на местото на сообраќајната незгода во која има повредени лица или настанала голема материјална штета, полицискиот службеник кој врши увид ќе ги подложи непосредните учесници во незгодата на испитување со помош на соодветни средства и апарати или ќе ги упати на стручен преглед заради проверување на присуство на алкохол, опојни дроги, психотропни супстанци и лекови за кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето во организмот.
Во случај кога со испитувањето, се утврди дека непосредните учесници во сообраќајната незгода имаат алкохол, опојни дроги, психотропни супстанци и лекови за кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето во организмот, полицискиот службеник на Министерството за внатрешни работи кој врши увид, ќе определи да им се земе крв или урина заради анализа
–ПРАВДИКО–