Правдико

   

Кои се надлежностите на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА)

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

OTA (Оперативно-техничка агенција) се основа како самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи и дејствува како посреднички орган кој воспоставува технички премин помеѓу операторот и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации.

Оваа техничката поврзаност, се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите.

ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација.

За вршење на своите надлежности  ОТА активира и создава технички услови за следење на комуникации за:

  • кривични истраги и
  • заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.

За да се создадат овие технички услови, ОТА:

а. овозможува техничко поврзување меѓу операторите и медијацискиот уред (LEIMD) сместен во ОТА;

б. овозможува техничка поврзаност помеѓу техничките уреди (LEIMD и LEMF) сместени во ОТА;

в. овозможува техничка поврзаност помеѓу техничкиот уред (LEMF) сместен во ОТА и работните станици што се користат за спроведување на следење на комуникации сместени во просториите на овластените органи

До меморискиот простор на техничкиот уред (LEMF) може да се пристапи само со посредство на работните станици во овластените органи. Содржината на следената комуникација во техничкиот уред (LEMF) автоматски се криптира.

Доста важно е што според закон ОТА треба да овозможи одржување на техничките уреди сместени во ОТА, како и воспоставување мерки и процеси за избегнување на внатрешни и надворешни компјутерски упади и хакирање, како и секаква злоупотреба од страна на вработените во ОТА.

Со ОТА раководи директор кој го избира и разрешува Собранието на Република Македонија, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

Директорот не смее да учествува во политички активности и настани кои согласно видот и карактерот би овозможиле негово политичко експонирање (собири, митинзи, јавни дебати).

Директорот и работниците во ОТА се должни да ги чуваат како тајна податоците до кои дошле во својата работа, не само за време на мандатот, односно вработувањето во ОТА, туку и пет години по неговото завршување, односно престанување на вработување, што особено се однесува на лични податоци или класифицирани информации во согласност со закон

За вршење на стручен надзор над работата на операторите, директорот од редот на работниците во ОТА формира Комисија за стручен надзор  составена од претседател и двајца членови. Оваа комисија  врши надзор над употребата на техничката опрема и електронските комуникациски водови кои служат за поврзување на ОТА и операторот.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико