Кои се основите и постапката за разрешување на судија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.ОСНОВИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СУДИЈА
Судијата се разрешува од судиската функција:
- поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција и
- поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, утврдено со закон.
Дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на судија се поведува по барање на член на Советот, претседателот на судот, претседателот на повисокиот суд или општата седница на Врховниот суд на Република Македонија во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од три години од денот на сторувањето на повредата.
Дисциплинска постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на судија
Дисциплинската постапка е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата согласно со прописите за заштита на личните податоци. По барање на судијата Советот ќе одлучи постапката да се води со присуство на јавноста. Дисциплинската постапка е итна и е од доверлив карактер. Се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата.
Барањето за поведување дисциплинска постапка се доставува до Советот и содржи име и презиме на судијата, адреса и место на живеење, единствен матичен број, во кој суд ја врши функцијата, опис на дисциплинската повреда, законскиот назив на повредата со наведување на одредбите од Законот за судовите и предлог-доказите што треба да се изведат на расправата.
Со барањето се доставуваат и доказите на кои се заснова барањето.Барањето се доставува до Советот, се заведува во уписникот и по него се оформува предмет. Доколку Советот најде дека барањето е ненавремено, нецелосно или недозволено со одлука ќе го отфрли барањето. Доколку Советот го прифати барањето, Советот од своите редови формира Дисциплинска комисија во состав од претседател и четири члена.
Советот од своите редови определува еден заменик на претседателот на Комисијата и еден заменик за членовите на Комисијата. Заменикот за членовите на Комисијата може да замени само еден член при одржување на состаноците и расправите.
Предметот се доставува на Комисијата.
Комисијата го доставува барањето лично до судијата против кој е поднесено.Судијата може писмено да одговори на наводите во барањето или да даде усна изјава на записник во рок од 8 дена од добивањето на барањето.Судијата против кој е поднесено барање има право на бранител којшто самиот го известува и го обезбедува за расправата.
Заедно со одговорот на барањето судијата ги доставува сите докази со кои ги побива наводите во барањето. Врз основа на прибавените податоци и докази Комисијата поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот.Советот на седница расправа по барањето и предлогот на Комисијата и одлучува за поведување на постапка или за запирање на постапка.Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот во рок од 30 дена од денот на приемот на извештајот. Одлуката се доставува до подносителот на барањето, судијата и претседателот на судот каде судијата ја врши функцијата, а предметот со сите списи и` го предава на Комисијата.
Кога Советот ќе донесе одлука за поведување на дисциплинска постапка, Советот може со одлука времено да го отстрани судијата од вршењето на судиската функција, согласно со Законот за судовите. Комисијата закажува расправа во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката за поведување дисциплинска постапка.На расправата комисијата работи во полн состав. Со расправата раководи претседателот на Комисијата.
На расправата се покануваат подносителот на барањето и судијата.Ако учесниците кои се уредно поканети не дојдат, а изостанокот не го оправдаат, расправата ќе се одржи. На расправата ќе се изведат доказите предложени од подносителот на барањето, судијата, како и доказите што ги прибавила Комисијата. Судијата има право да се произнесе по сите докази изведени на расправата. За дејствијата преземени на расправата се составува записник. Записникот го води лице што ќе го определи Советот, од редот на државните советници.
Комисијата во рок од 15 дена по завршувањето на расправата поднесува извештај за констатираната состојба и дава предлог до Советот да донесе одлука:
- за запирање на постапката,
- за изрекување дисциплинска мерка или
- за разрешување на судијата поради сторена потешка дисциплинска повреда.
Советот врз основа на Извештајот и расправата на седницата на Советот може:
- да ја запре дисциплинската постапка
- да изрече дисциплинска мерка соодветна на сторената повреда
- да го разреши судијата поради сторена потешка дисциплинска повреда.
Кога Советот ќе утврди дека не е сторена дисциплинска повреда ќе донесе решение за запирање на постапката. За утврдената дисциплинска одговорност на судија, Советот може да ги изрече следниве дисциплински мерки:
- писмена опомена,
- јавен укор и
- намалување на плата во висина од 15% до 30% од месечната плата на судијата, во траење од еден до шест месеци.
Советот со решение ќе го разреши судијата за сторена потешка дисциплинска повреда од член 76 од Законот за судовите. Ваквото решение Советот го донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција
Постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција се поведува по барање на член на Советот, претседателот на судот, претседателот на повисокиот суд или општата седница на Врховниот суд на Република Македонија во рок од една година од денот на осознавање на сторената повреда.
Постапката е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата согласно со прописите за заштитата на личните податоци.
По барање на судијата Советот ќе одлучи постапката да се води со присуство на јавноста. Барањето се доставува до Судскиот совет на Република Македонија, кое се заведува во уписникот и по него се оформува предмет. Доколку Советот најде дека барањето е ненавремено, нецелосно или недозволено со одлука ќе го отфрли барањето.
Доколку Советот го прифати барањето, Советот од своите редови формира Комисија за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, во состав од претседател и четири члена. Советот од своите редови определува еден заменик на претседателот на Комисијата и еден заменик за членовите на Комисијата. Заменикот за членовите на Комисијата може да замени само еден член при одржување на состаноците и расправите.
Комисијата го доставува барањето и доказите лично до судијата против кој е поднесено. Судијата може писмено да одговори на наводите во барањето или да даде усна изјава на записник во рок од 8 дена од добивањето на барањето. Судијата против кој е поднесено барање има право на бранител којшто самиот го известува и го обезбедува за расправа.
Комисијата со барање прибавува податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата во врска со утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција на судијата.Врз основа на прибавените податоци и докази Комисијата во рок од 30 дена поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот.
Советот на седница расправа по барањето и предлогот на Комисијата и одлучува за поведување или за запирање на постапката. Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот. Доколку судијата против кого се води постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, поднесе барање за престанок на судиската функција, Советот во одлуката за престанок на судската функција по негово барање ќе констатира престанок на судиската функција по негово барање во која ќе назначи дека истата е донесена во време кога против судијата се водела постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Во ваков случај постапката се запира
Одлуката се доставува до подносителот на барањето, судијата и претседателот на судот каде судијата ја врши функцијата, а предметот со сите списи и` го предава на Комисијата. Ако е поведена постапка против претседател на суд, одлуката се доставува и на претседателот на повисокиот суд.
Кога Советот ќе донесе одлука за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, Советот може со одлука времено да го отстрани судијата од вршењето на судиската функција, согласно со Законот за судовите. Комисијата закажува расправа во рок од 15 дена од денот на донесувањето одлука за поведување на постапката за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција. На расправата Комисијата работи во полн состав. Со расправата раководи претседателот на Комисијата. На расправата се покануваат подносителот на барањето и судијата. За дејствијата преземени на расправата се составува записник.
Комисијата во рок од 15 дена по завршувањето на расправата поднесува извештај за констатираната состојба и дава предлог до Советот да донесе одлука:
- за запирање на постапката доколку не е утврдено нестручно и несовесно вршење на судиската функција или
- за разрешување на судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Извештајот треба да ги содржи сите списи и акти што во текот на постапката Комисијата ги имала на располагање, изјаснувањето на судијата, опис на спроведените Советот врз основа на извештајот и расправата на седницата на Советот најдоцна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на расправата може да:
- ја запре постапката доколку не е утврдено нестручно и несовесно вршење на судиската функција и
- го разреши судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Советот со решение ќе го разреши судијата за нестручно и несовесно вршење на судиската функција врз основа на одредбите од член 75 од Законот за судовите. Ваквото решение Советот го донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Право на жалба
Против решението на Советот за разрешување судија, односно изречена дисциплинска мерка, судијата има право на жалба до Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет, формиран при Врховниот суд на Република Македонија, во рок од осум дена од приемот на решението. Советот за одлучување по жалба е составен од девет члена од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Македонија, четворица судии од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката.
Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија не може да биде член на Советот. Советот за одлучување по жалба може да го потврди или укине решението на Советот за разрешување на судијата, односно за изречена дисциплинска мерка.
Правосилната одлука за разрешување на судијата, односно за изречена дисциплинска мерка, се објавува на веб страницата на Советот во рок од два дена од денот на правосилноста на одлуката, согласно со прописите кои се однесуваат на заштита на личните податоци и класифицираните информации со почитување на угледот и достоинството на судијата.
Одредбите со кои се уредува постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, односно постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се однесуваат и на претседател на суд.