Кои се условите за развод на брак | Правдико

Правдико

   

Кои се условите за развод на брак

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

razvod-i-rebyonokЗаконот за семејство предвидува неколку услови кои треба да бидат исполнети за еден брак да престане. Како прва опција која ја дава законот е бракот да се разведе со заемна согласност на брачните другари. Доколку  брачните другари имаат заеднички малолетни деца или полнолетни деца над кои им е продолжено родителското право, потребно е да поднесат спогодба за начинот на вршењето на родителските права и должности и за издржувањето и воспитанието на децата.

При ваквиот развод судот  ќе донесе одлука за развод на бракот по заемна согласност на брачните другари ако утврди дека тие таа согласност ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо со нивно сослушување.

Бракот исто така  може да се разведе по барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив.За развод на бракот по овој основ брачните другари треба да докажат дека нивниот брачен живот навистина станал неподнослив поради нарушените односи меѓу нив.При вакво барање за развод на бракот како услов предвиден во законот е  брачната заедница фактички да  престанала подолго од една година.

Пред главната расправа за развод, судовите одржуваат посебно рочиште како обид за мирење на брачните другари. Ова рочиште се одржува и во постапката за развод на бракот по взаемна согласност на брачните другари.

Ако рочиштето за обид за мирење не успее, претседателот на судскиот совет закажува главна расправа.Кога судот ќе утврди дека односите меѓу брачните другари се нарушени, па поради тоа не е можно никакво усогласување на недоразбирањето меѓу нив,тој донесува пресуда за развод на бракот. За донесување на пресудата ирелевантно е кој и колку од двајцата брачни другари е виновен за нарушувањето на односите меѓу нив.

Во случај на развод или поништување на бракот, секој од поранешните брачни другари го задржува презимето што го има, а може да бара и промена на тоа презиме.

Правосилна пресуда за развод или поништување на бракот, судот ја доставува до органот на управата надлежен за водење на матична книга на венчаните најдоцна во рок од 30 дена заради упис на промените, како и до Центарот за социјална работа, ако во бракот имаат малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

Определување издршка на малолетник

Партнери на Правдико