Кои воспитни мерки можат да му се изречат на малолетник
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.На малолетен сторител на кривично дело може да му се изречат следниве воспитни мерки:
– дисциплински мерки укор или упатување во центар за малолетници,
– мерки на засилен надзор од страна на родителите, односно старателот, згрижувачко семејство или од страна на центарот и
– заводски мерки упатување во воспитна установа или во воспитно – поправен дом.
Дисциплински мерки се изрекуваат спрема малолетник кога не постои потреба од потрајни мерки на воспитување, а особено ако сторил кривично дело од непромисленост или лекоумност.
Мерки на засилен надзор се изрекуваат спрема малолетник кога постои потреба од потрајни мерки на воспитување, превоспитување или лекување со соодветен надзор, а не е потребно негово целосно одвојување од дотогашната средина.
Заводски мерки се изрекуваат спрема малолетник кога постои потреба од потрајни мерки на воспитување, превоспитување или лекување и негово целосно одвојување од дотогашната средина. Траењето на овие мерки не може да биде подолго од пет години, но најмногу до наполнети 23 години.
1. Дисциплински мерки
– УКОР
Укор се изрекува ако е доволно и само прекорување на малолетникот за стореното кривично дело. При изрекувањето на укорот на малолетникот ќе му се укаже на штетноста од неговата постапка и ќе се предупреди дека во случај на повторно извршување кривично дело спрема него може да биде изречена друга кривична санкција.
– УПАТУВАЊЕ ВО ЦЕНТАР ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ
Судот ќе ја изрече мерката упатување во центар за малолетници кога е потребно со соодветни краткотрајни мерки да се изврши влијание врз личноста и поведението на малолетникот. Малолетникот на кого му е изречена оваа мерка судот може да го упати во центар за малолетници:
– на определен број часови во текот на денот во празнични денови и тоа најмногу во четири празнични денови едноподруго;
– на определен број часови во текот на денот, но најмногу еден месец или
– на непрекинат престој на определен број денови, но не повеќе од 20 дена.
При изрекувањето на оваа мерка судот ќе води сметка за тоа со нејзиното извршување малолетникот да не изостане од редовната настава или од работата. Во центар за маолетници малолетникот ќе врши работи што одговараат на неговата психофизичка состојба. Кога ќе изрече упатување во центар, судот може да определи за време и по извршувањето на оваа мерка малолетникот да се стави под засилен надзор на центарот за малолетници за период не подолг од шест месеца.
2. Мерки на засилен надзор
– ЗАСИЛЕН НАДЗОР ОД РОДИТЕЛИТЕ
Судот ќе изрече мерка на засилен надзор од страна на родителите, односно старателот ако родителите или старателот пропуштиле, а се во можност да вршат надзор над малолетникот. Кога судот ќе ја изрече оваа мерка ќе им наложи на родителите, односно на старателот одредени должности во поглед на мерките што треба да се преземат за воспитување на малолетникот, за негово лекување и за отстранување на штетните влијанија врз него, а може да им даде и потребни упатства.
– ЗАСИЛЕН НАДЗОР ОД СТРАНА НА ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО
Ако родителите или старателот на малолетникот не се во можност да вршат надзор над него или ако тоа основано не може да се очекува од нив малолетникот ќе му се предаде на згрижувачко семејство кое сака да го прими и кое има можност да врши засилен надзор над него. Извршувањето на оваа мерка ќе се запре кога родителите или старателот на малолетникот ќе се здобијат со можност да вршат засилен надзор над него или кога според резултатите на воспитувањето и превоспитувањето ќе престане потребата од засилен надзор.
– ЗАСИЛЕН НАДЗОР ОД ЦЕНТАРОТ
Ако родителите, односно старателот не се во можност да вршат засилен надзор над малолетникот, а не постојат услови за предавање на малолетникот на згрижувачко семејство заради вршење ваков надзор, малолетникот ќе се стави под надзор на центарот. Судот дополнително ќе одлучи мерката да престане, со тоа што нејзиното траење не може да биде пократко од една ни подолго од три години. За времетраењето на мерката малолетникот и натаму останува да живее кај своите родители или други лица кои го издржуваат, а засилениот надзор врз него го врши центарот.
3. Заводски мерки
– УПАТУВАЊЕ ВО ВОСПИТНА УСТАНОВА
Судот може да го упати во воспитна установа малолетникот врз кој треба да се обезбеди постојан надзор од страна на стручни лица (со стручна и школска подготовка за воспитувачи) заради воспитување, превоспитување и правилен развој. Во воспитната установа малолетникот останува најмалку шест месеца, а најмногу три години. При изрекувањето на оваа мерка судот не го определува нејзиното траење туку за тоа дополнително одлучува
– УПАТУВАЊЕ ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВЕН ДОМ
Малолетникот спрема кој треба да се применат потрајни и засилени мерки за воспитување и превоспитување и негово целосно одвојување од дотогашната средина, судот може да го упати во воспитно-поправен дом. При одлучувањето дали ќе ја изрече оваа мерка судот посебно ќе ја земе предвид тежината и природата на стореното дело и околноста дали спрема малолетникот порано биле изрекувани воспитни мерки или казна малолетнички затвор. Во воспитно-поправен дом малолетникот останува најмалку една година, а најмногу пет години, односно до наполнета 23 година. При изрекувањето на оваа мерка судот не го определува нејзиното траење, туку за тоа дополнително одлучува.
Судот ја преиспитува потребата од престојот во воспитно-поправниот дом секоја година.
–ПРАВДИКО–