Кои земји се непријатели на интернетот | Правдико

Правдико

   

Кои земји се непријатели на интернетот

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Што точно значи една земја да е непријател на интернетот ?

Како прв и најважен фактор ќе ја наведеме цензурата. Цензурирање на веб-страници, социјални мрежи, слобода на говор и пишување и слично – контрола на објавување и пристап до информации кои што се наоѓаат на интернетот. Во многу земји како што се Кина, Куба, Сирија, Саудиска Арабија, Северна Кореја и други, присутна е интернет цензура којашто најчесто е спроведена од владите на тие земји. Во последно време цензурата на интернетот зазема поголем обем и во Русија,  со тоа што владата се заканува дека не само што ќе ги блокира страниците на кои има екстремистички содржини и детска порнографија, туку и социјалните мрежи кои повикуваат „на учество во масовни манифестации“.

censor

Интернет филтрирањето (цензурата) е присутно во поголем број од земјите ширум светот, но во различни димензии и со драстично различни услови. Како на пример во САД, интернет филтрирањето се случува на компјутери најчесто во библиотеки, училишта и слични установи, додека на пример во Кина, социјалните мрежи како facebook, twitter и слично, се потполно забранети и казниви со закон. Во Франција и Германија,блокирани се содржини поврзани со нацизмот или негирањето на холокаустот. Детска порнографија, говор на омраза и веб-сајтови кои поттикнуваат на кражба на интелектуална сопственост се блокирани во многу земји низ целиот свет.

За една илустрација, земјите ширум светот поделени според интернет цензурата:

Internet_Censorship_World_Map.svg

cenzura_legenda

Други фактори според кои одредени држави се сметаат за непријатели на интернетот се: инфраструктурата – целата мрежна поврзаност и хардверски перформанси, бројот на интернет провајдери, колку брзо и лесно обичниот граѓанин би можел да дојде до интернет пристап, и нормално – еден од најважните фактори, цената на интернетот ( колку корисниците би плаќале за услугата ).

Кои земји всушност се прогласени за непријатели на интернетот според најновите извештаи, земајќи ги во предвид сите погоре наведени фактори:

 23px-Flag_of_Bahrain.svgБахраин

Популација: 1,250,000
Интернет корисници: 960,000
Број на затворени новинари во последната година: 2
Број на затворени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 1

Иако Бахраин ја има една од најдобрите интернет мрежи на Блискиот Исток, скоро 77% покриеност, добра брзина на интернетот, и дури 23 интернет провајдери, сепак цензурата на интернетот е една од највисоките во светот. Во оваа земја, главна улога за интернет цензурата игра кралското семејство, сопственици на “Batelco”, еден од најважните и најголемите интернет провајдери во земјата.

Покрај порнографија, забранети се секакви содржини со политичка и религиозна тематика, и строго забрането искажување на мислења во врска со овие теми. Контролата, филтрирањето, се врши на секакви начини, со скапи опреми, со препраќање на e-mail – ови со опасни содржини (најчесто вируси, трикови за добивање на приватни информации и слично), па се до присилување и измачување на поединци.

Заради овие, и многу други методи на цензура, Бахраин е прогласена за земја – непријател на интернетот.

23px-Flag_of_the_People's_Republic_of_China.svg Кина

Популација: 1,34 билионо
Интернет корисници: 564 милиони
Број на затворени новинари во последната година: 30
Број на затворени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 60

Кинеската Комунистичка Партија ја има една од најголемите дигитални империи во светот. Само до пред неколку години, целиот интернет пристап беше во сопственост на државата, односно на Комунистичката Партија. Од таму, и цела контрола врз интернетот беше во рацете на државата. Само пред неколку години, поточно во 2008, целата мрежа во Кина беше поделена на 3 главни интернет провајдери, во кои повторно, како главен соптсвеник со највисок процент на акции се јавува Комунистичката Партија.

Само до пред некое време, блокиран беше секаков пристап до социјалните мрежи како што се facebook и twitter, а сега им е дозволен пристап само на граѓаните коишто живеат на растојание од 28 km2 во Шангај, односно во таканаречената “Слободна Трговска Зона”.

Четири  Министерства, и уште бројни бироа, центри и асоцијации, заедно работат на таканаречениот “Big Firewall of China”, импресивна технологија за мониторинг и филтрирање на сите дејствија на корисниците на интернетот. И не само социјалните мрежи, туку дури и програми како Skype и слично, се надгледуваат, и доколку има прекршувања на контролните мерки, веднаш се забележуваат, а корисниците се соодветно казнети.

Исто така брзината на интернетот не е нешто со што Кина може да се гордее, а исто така е и многу скап, со што логичен е податокот од само 42% корисници.

Нема потреба да се размислува зошто Кина е една од најголемите непријатели на интернетот, дефинитивно е !

Flag_of_Iran.svg Иран

Популација: 77 милиони
Интернет корисници: 25.2 милиони
Број на затворени новинари во последната година: 26
Број на затворени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 20
Број на убиени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 1

Иран има над 150 интернет провајдери, но тоа не значи дека се независни од владата. Иако од 2009 година повеќето се приватизирани, сепак голем удел во нив има државниот врв.

Најчесто, Иранците вестите ги добиваат преку телевизија или печатен медиум – контролирани од владата. Со популаризирањето на интернетот, им се даде шанса на сите што не се истомисленици со Иранската влада да ги произнесат своите мислења. За да се заштити Иранскиот врв од вакви и слични пропаганди коишто не се во согласност со нивните размислувања, брзината на интернетот е значително намалена се со цел да се оневозможи гледање на видеа и разменување на слики. Се што е настрана од нивните убедувања е маркирано како политичко, и е цензурирано, блокирано, или ставено под строг надзор. Е-маил, текст-пораки, скајп разговори и слично – нивното надгледување и прислушкување е сосема легално во Иран.

Многу страници и интернет пребарувачи се забранети за употреба во Иран. Како на пример употребата на најпопуларниот интернет пребарувач “Google” е забранета или пак строго лимитирана. Се до 20 Февруари 2013, социјални мрежи како Facebook и Twitter беа забранети за употреба, а сега се дозволени но со специјален надзор од владини служби, за што се употребува специјална технологија создадена само за оваа намена.

Иран – непријател на интернетот ? – Категорично ДА !

23px-Flag_of_Syria.svg Сирија

Популација: 22 500 000
Интернет корисници: 5 милиони
Број на затворени новинари во последната година: 22
Број на затворени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 18
Број на убиени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 18

Инфраструктирата на мрежната поврзаност во Сирија е специјално наменета за филтрирање и мониторинг. Се е контролирано од две владини служби – една специјализирана за сите 3G конекции, втората за сите фиксни конекции. Кога владата ќе нареди блокирање на некој збор, веб страница и слично, наредбата е спроведена преку овие две служби до интернет провајдерите (истотака сопственост на владата).

Цензурата на страници зазема голем размер, најчесто блокирани се политичките страници, но исто страници како youtube, Facebook и слично се филтрирани, се до 2011 година и комплетно блокирани. Интернет телефонијата е непостоечка во Сирија, односно комплетно забранета за употреба.

Брзината на интернетот е прилично мала, само во поголемите градови може да се користи 3G интернет, ADSL-от е исто така лимитиран и се користи само во одредени подрачја.

Интернет непријател И ТОА КАКО !

23px-Flag_of_Vietnam.svg Виетнам

Популација: 91,500,000
Интернет корисници: 31 милион
Број на затворени новинари во последната година: 2
Број на затворени прекршувачи на интернет цензурата во последната година: 31

Ништо поразлично од претходно наведените земји е и Виетнам. Значително бавен интернет, посебно споредено со околните азиски земји. Само 16 интернет провајдери, и тоа сите до еден контролирани “Партијата” – владеачката сила во Виетнам. 74% од интернет пазарот е на државната “Vietnam Posts and Telecommunications Group”, а останатите провајдери се контролирани од владата и го откупуваат интернетот од државната фирма.

Цензура, блокирање на веб страни (Facebook), мониторинг и слично се само дел од “Интернет ситуацијата” во Виетнам, па заради сите овие фактори е прогласен како непријател на интернетот.

Земји што треба да се споменат во категоријата непријатели на интернетот се и Северна Кореја, Белорусија, Бурма, Куба, Саудиска Арабија, Туркменистан и Узбекистан.

Автор: В.Д.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико