Кој е должен да воведе фискален систем? | Правдико

Правдико

   

Кој е должен да воведе фискален систем?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

i-kasa-fiskalna-farex-szafirКој е должен да воведе фискален систем на опрема за регистрација на готовински плаќања?

Даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето се врши готовински, должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрација на готовинските плаќања.


Кој не е должен да воведе фискален систем на опрема за регистрација на готовинските плаќања?

  • Даночните обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход, освен таксистите. Таквиот статус тие го докажуваат со Решение издадено од Управата за јавни приходи;
  • Физичките лица кои издаваат под закуп станбен или деловен простор;
  • Лица кои не се трговци за прометот на непреработено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите;
  • Лица кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места, со исклучок на туристички места;
  • Лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија-колпортерска продажба;
  • Лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот инстант лотарија, како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола; и
  • Лицата кои вршат континуиран промет, за кој издаваат сметки и за кој се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).

Фискален систем на опрема

Фискалниот систем на опрема овозможува регистрирање на вкупниот промет на продадени добра, извршени услуги и висината на данокот. Преку него се врши печатење и издавање на фискални сметки, дневен финансиски извештај и контролен финансиски извештај. Во него е вградена фискална меморија која овозможува единечна регистрација на податоците и нивно повеќекратно читање.

Фискалниот систем на опрема се состои од фискална апаратура и од интегриран автоматски систем за управување.

Видови на фискална апаратура:

  • електронски каси со фискална меморија;
  • фискални принтери;
  • електронски системи со фискална меморија за регистрирање на прометот на нафтени деривати на мало преку сметачки средства за количината и потрошокот на течни горива (бензиски пумпи, плински пумпи и сл.); и
  • читач на платежни картички.

Интегрираниот автоматски систем за управување е систем за постојана електронска комуникација на трговскиот објект со Управата за јавни приходи за секојдневно автоматско пренесување на податоци во вид на дневен финансиски извештај.


Фискална сметка

  • Фискална сметка е документ со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата издадена од фискална апаратура.
  • Фискалната сметка се состои од бонов и контролен траг кои се идентични и се запишуваат истовремено. Исечок од боновиот траг се дава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата, а контролниот траг го задржува даночниот обврзник.
  • Фискална сметка се издава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата.
  • При дилерска трговија, даночниот обврзник фискалната сметка ја издава на дистрибутерот, кој е должен да ја врачи на купувачот при плаќањето на цената на доброто.

Регистрација на фискалната апаратура

Даночниот обврзник или неговиот застапник, или производителот на набавената фискална опрема, поднесува Пријава за регистрација на фискален систем на опрема (образец ФА-01). Пријавата се поднесува до Регионалната дирекција на УЈП на чие подрачје се наоѓа седиштето на даночниот обврзник, или деловната единица каде опремата се користи.


Должности на даночниот обврзник

  • Даночниот обврзник е должен да монтира, воведе во користење и да ја користи фискалната апаратура или интегрираниот автоматски систем за управување од самото пуштање на објектот во употреба.
  • Даночниот обврзник е должен да воведе и да користи фискална апаратура за секое работно место од каде што се извршува прометот на добра или услуги кои готовински се наплатуваат.
  • Даночниот обврзник е должен да води книга за дневни финансиски извештаи.
  • Даночниот обврзник е должен, на видно место, да постави соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка.
  • Заради правилно евидентирање на прометот даночниот обврзник е должен фискалните апарати да ги чува и одржува во исправна состојба.
  • За функционално и техничко одржување на фискалните апарати, даночниот обврзник е должен да склучи договор за одржување со овластениот производител/сервисер на фискалниот систем на опрема.
  • Даночниот обврзник чиј просечен промет надминува 5.000 евра во денарска проттивредност во рамките на тримесечниот период, со исклучок на даночните обврзници кои вршат промет на нафтени дериват на мало (бензиски пумпи), е должен да закупи и регистрира резервна фискална апаратура, која се користи во случај на оштетување и ремонт на главната фискална апаратура.

Кога е потребен ремонт или поправка на фискалната апаратура, а даночниот обврзник нема обврска да поседува резервна фискална апаратура, тогаш за извршениот промет на добра или услуги е должен да издава парагон блок и да води итна сметководствена книга заверена од УЈП.

 Извор: http://www.ujp.gov.mk

Поврзани статии:

– Фискализација – права на потрошувачите

– Воведување фискален апарат според новите законски измени

– Овластувања на инспекторите од УЈП

– Постапка за регистрација и оданочување на трговец-поединец за вршење на самостојна дејност

Препорачуваме

Партнери на Правдико