Кој ќе се бори против исламската држава?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Одлучноста на западот да се бори против исламската држава како што се движат работите, има потенцијал да остане само на нивната желбата за борба, а не и на вистинска борба против религиозните фанатици. Па така, најголемиот проблем кој сега го имаат државите од западниот свет, а пред се, САД е во тоа кој навистина ќе се бори против исламската држава, и доколку американските војници не бидат искористени за борба на теренот, тогаш кој ќе се бори место нив?
Проблемот е најмногу присутен во Ирак каде што за среќа, курдските сили се сосема спремни да се борат со ИД, и до сега се покажаа како доста ефективни во одбраната на својата територија. Исто така, тука се и шиитските милитанти кои меѓудругото се подржани од Иран, па дури и обучувани од страна на иранците, а на места и од либански борци од Хезболах, кои се познати по своја жестока репутација.
Ситуацијата кој постои во Ирак, постои и во Сирија, каде што западните сили веќе 3 години попусто се надеваа дека ќе создадат некаква “умерена” опозиција (ако воопшто постои таква на блискиот исток), која би се борела со “режимот”, и би имала подршка од американската воздушна моќ. Откако пропадна и таа идеја, Западните држави на чело со САД, се оставени да се прашуваат што да се прави, односно како да се интервенира, а притоа без да се потрошат големи финансиски средства или пак да се вклучат копнени сили во некаква нова инвазија на Ирак или Сирија.
Па така, повторно се навраќаме на тезата дека за се што денес се случува во Ирак и Сирија, на прво место е виновен САД. Знаеме зошто е тоа така во Ирак. Со инсталацијата на корумпирана и неспособна власт во оваа држава, како и со повлекувањето на американските војници од ирачката територија, се создаде еден вакум на моќ кој сега се користи од страна на исламската држава, притоа искористувајќи го и незадоволството од муслиманите сунити, кои беа маргинализирани од централната ирачка власт. Но, во овој поглед, далеку поинтересна за анализа е Сирија, каде што Ал-Асад кој до пред скоро време не беше прикажуван во западните медиуми како крвожедниот диктатор кој сега ни го сервираат истите тие медиуми, туку напротив, дури и CNN, како една од водечките сили во креирање на светското јавно мислење, пред некоја година објави серија на емисии за “пустинската роза” како што тие ја нарекоа Сирија.
Пропустот на американската политика во Сирија е во тоа што тие изгубија скапоцено време обидувајќи се да создадат некаква внатрешна “умерена” опозиција, иако таква не постоеше уште од самиот почеток, а сето тоа на сметка на малцинствата кои живеат во Сирија, пред се, на христијаните и алавитите, кои доживеаа невидени хорори во овие 3 години. Дури и да постои желба кај западните сили за некаква копнена интервенција, Сирија во никој случај не е Ирак, а ситуацијата тука е далеку по комплицирана. Па така, не треба да биде чудно што исламската држава најпрво се создаде на сириска територија, за потоа со голема леснотија да се префрли во Ирак, кадешто го доживеа својот најголем успех.
Во овој случај, копнена интервенција на САД за борба против исламската држава е невозможна, со оглед на тоа што децениското присуство во Ирак, доста скапо ги чинеше. Па така, интервенцијата која ја спомнуваат американците и нивните сојузници, по се изгледа ќе остане на воздушна интервенција, но никако на копнена борба против исламската држава. Навистина е тешко да се претпостави каков ќе биде ефектот од оваа нивна стратегија, но во никој случај не може да се очекува брза победа врз исламската држава. Тоа што можеме да го очекуваме е зголемување и интензивирање на конфликтот во овој регион, со евентуално прелевање во околните држави. Во исто време, останува да видиме и дали силите во регионот, Иран и Саудиска Арабија ќе останат неми на тоа што се случува пред нив, сметајќи притоа дека и тие би можеле да бидат следни, доколку исламската држава се прелее и врз нивна територија.
Времето ќе покаже каков ефект би имале воздушните напади врз ИД, и дали без употреба на некакви други сили (освен локалните) може да се победи исламската држава. Но, дури и да се успешни овие напади, ИД нема да биде конечно поразена, од едноставна причина што фундаментални организации не се победуваат со воздушни напади. Во овој случај мора да се спореди моменталната ситуација со таа до Авганистан во 2001 година. Споредбата е неминовна затоа што и во двете ситуации, Америка со своите сојузници се бореше, и се бори против радикална организација која контролира огромни територии, но во случајот со Ирак и Сирија, истите тие западни сили се одлучија да интервенираат само од воздух.
Дури и да се уништи ИД, и да се уништи раководството на оваа радикална организација, нема никаква понатамошна гаранција дека нема да се создаде некоја нова на нејзино место, која би била и по радикална. Хаосот што американците го создадоа на блискиот исток, за свои лични цели и за своја корист, на крај може да им дојде и пред врата, а народите во овој регион да останат препуштени самите на себе, постојано растргнати од страна на религиозни фанатици и борци за демократија. Вакумот кој се создаде по повлекувањето на САД од Ирак, создаде поволен простор за создавање на организации како ИД.
Се разбира, тука е и нестабилната Сирија, каде што “крвожедниот” Асад се бори веќе 3 години со групи слични на ИД, за кои западот размислуваше да ги финансира, па дури и вооружи. Ситуацијата која се создаде во овој регион, нема да исчезне преку ноќ, ИД неможе да биде победена со воздушни напади, а времето ќе покаже дали силите на теренот кои во моментов и се спротивставуваат на исламската држава ќе успеат во својата борба.
Автор: М-р Јован Ѓорговски
–ПРАВДИКО–