Која е постапката за избор на судии
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Утврдување на слободни судиски места во основните судови
Советот со одлука го утврдува бројот на слободните судиски места за основните судови во Република Македонија, земајќи ги предвид вкупниот број на слободни места за судии во основните судови, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.
Одлуката Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови и ја доставува до Академијата за судии и јавни обвинители најдоцна до 31 март во годината во која одлуката е донесена.
Огласување на избор за судија
Советот донесува одлука за објавување на оглас за избор на судија веднаш по упразнување на судиското место, или по утврдена потреба за судиско место.Огласот се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден на друг јазик различен од македонскиот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и трае 15 дена од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Избор на судија на основен суд
Советот избира судија на основен суд од ранг-листата на кандидати доставена од Академијата за судии и јавни обвинители што се јавиле на огласот.
Советот изборот на судија во основните судови од редот на кандидатите што ја
завршиле почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители го врши
редоследно според постигнатиот успех утврден во конечната ранг-листа.
Избор на судија на повисок суд
Советот избира судија во апелационен суд, Управниот суд, Вишиот управен суд, Врховниот суд на Република Македонија од пријавените кандидати на огласот што ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во Законот за судовите и овој закон. Советот за судија ќе избере лице кое има највисоки стручни и професионални квалитети, кое ужива углед во вршењето на судиската функција, а врз основа на следниве критериуми:
- стручното знаење и специјализација во струката и учеството во континуирана обука;
- односот кон работата, при што се зема предвид почитувањето на законските рокови за преземање на процесните дејствија, почитувањето на законските рокови за донесување, објавување и изготвување на одлуките, односот меѓу бројот на потврдени, укинати или преиначени одлуки во однос на вкупниот број на решени предмети, бројот на решени предмети во однос со ориентациониот број на предмети што треба да ги реши судијата месечно утврден од Советот;
- способност за разрешување на правните прашања, при што се зема предвид достигнатиот степен на правилноста и законитоста на судското одлучување и утврдување, пред се, во постапките со правните средства;
- чувањето на угледот на судијата и судот, што се утврдува од начинот на водењето на постапката, комуникацијата со странките и другите органи, чувањето на независноста, непристрасноста, доверливоста, значајноста и однесувањето кон работата и надвор од неа;
- способност за усно и писмено изразување, што се огледа преку изготвените одлуки и судското стручно дејствување;
- преземањето дополнителна работа во вршење на судиската функција со учество во решавање на заостанати предмети;
- преземање дополнителна работа при вршење на судиската функција преку менторство, едукација и слично;
- односот со соработникот и судската администрација и
- способноста за вршење на задачи од раководен карактер.
Доколку кандидатот не е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од правното лице каде што кандидатот работел, како и од други институции за неговиот стручен и професионален развој во областа на правото и неговата примена.
Доколку кандидатот е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од судот и спроведува анонимна анкета на вработените во судот каде што кандидатот ја извршува судиската функција.
Претседателот на судот врз основа на одржаната седница на судиите го доставува мислењето до Советот.
Доколку кандидатот за судија за Управниот суд, односно Вишиот управен суд не е од редот на судиите, Советот прибавува мислење од државен орган каде што кандидатот работи.
Начинот на спроведување на анкетата го уредува Советот.
Одлука за избор на судија
За избор на судија, Советот расправа и одлучува на седница на која присуствуваат најмалку две третини од членовите на Советот.За судија е избран кандидатот кој добил две третини гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Правична и соодветна застапеност во изборот на судии и претседатели на судови
Кога Советот избира судија и претседател на основен суд и апелационен суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува согласно со членот 42 од овој закон, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Кога Советот избира претседател и судија на Врховниот суд на Република Македонија, одлучува согласно со членот 42 од Законот за судски совет, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Избор на претседател на суд
Советот избира претседател на суд од пријавените кандидати судии на оглас за избор на претседател на суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот. Советот за претседател ќе избере лице кое ги исполнува условите и критериуми утврдени со Законот за судовите.
Доколку по спроведена постапка за избор на судија или претседател на суд, Советот утврди дека ниту еден од пријавените кандидати на огласот за судија, односно претседател на суд не ги исполнил условите за избор за судија, односно претседател на суд, или не бил избран за судија, односно претседател на суд, ќе донесе одлука за повторно огласување на изборот на судија, односно претседател на суд.
Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови.
Избор и разрешување на судии – поротници
Советот избира и разрешува судии – поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд. Советот го утврдува бројот на судиите – поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите – поротници. Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
За судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на
Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.
Извор: http://www.ssrm.mk