Која е суштината на сосопственоста? | Правдико

Правдико

   

Која е суштината на сосопственоста?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

bluegreyhouseСосопственост е сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел) или кога на една или повеќе ствари има повеќе носители на правото на сопственост. Тоа значи дека повеќе лица заедно имаат исто стварно право на одредена ствар,

Карактеристично за сосопственоста е тоа што овде стварта не е реално поделена, туку секој има идеален (замислен дел) кој се изразува со дропка. На пример  …лицето е сопственик на 1/3 идеален дел од целата неподелена ствар…Оттука секој сосопственик има право стварта да ја држи и да ја користи заедно со другите сосопственици сразмерно со својот дел, неповредувајќи ги притоа правата на другите сосопственици. 

Сите сосопственици имаат владение врз целата ствар, но тие можат да одлучат меѓусебно да го поделат владенитето врз стварта и извршувањето на сите или на некои сопственички овластувања врз неа, така што во случај кога некој од сосопствениците одлучи да го продаде својот сосопственички дел должен е најпрво да го понуди на другите сосопственици (право на првенствено купување).

Друга карактеристика е тоа дека никој од сосопствениците нема право врз реален дел од заедничката ствар бидејќи правото на соспственост се простира врз целата ствар со се сите нејзини делови. Така доколку дел од стварта да пропадне  независно кој од сосопствениците го користел тој дел, останатиот дел од стварта им припаѓа на сите сосопственици сразмерно на нивните идеални делови.

Секој сосопственик заедно со другите сосопственици има право да учествува во одлучувањето за она што се однесува на стварта која е во сопственост (право на управување) .За преземање работи за редовно управување со стварта е потребна согласност од сосопствениците чиишто делови претставуваат повеќе од половината на вредноста на стварта.Тука спаѓаат грижата за одржувањето на стварта, давањето на користење на други лица (на пр. закуп), засновање залог, собирање на плодовите и др. Управувањето се јавува како редовно и вонредно.

Редовно е она управување што не ја менува суштината, односно намента на стварта, ниту пак, нејзината положба како објект на правото.

Вонредното управување, значи видлива битна промена на физичката природа, односно на намената на стварите (пр. промена на културата на земјиштето) издавање на стварта во закуп, засновање залог, засновање стварна службеност, поголеми поправки и преправки и слично), или пак конечно располагање со стварта како објект на правото (отуѓување на целата ствар).

За преземање на работи што ги надминуваат рамките на редовното управување со стварта (отуѓување на целата ствар, промена на намената на стварта, издавање на стварта во закуп, засновање залог, засновање стварни службености, поголеми поправки и преправки и слично) потребна е согласност од сите сосопственици.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико