Која е улогата на Судскиот совет? | Правдико

Правдико

   

Која е улогата на Судскиот совет?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Sudski-sovetСудскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои:

– по функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда;

– осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници;

– тројца членови на Советот ги избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и

– двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Министерот за правда како член на Советот учествува во работата на Советот без право на глас.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години со право на уште еден избор, но за  претседател на Врховниот суд на Република Македонија и на министер за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.

Советот е надлежен:

– да ги избира и разрешува судиите;
– да ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– да утврдува престанок на судиската функција;
– да избира и разрешува судии поротници;
– да ја следи и оценува работата на судиите;
– да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите;
– да утврдува нестручно и несовесно вршење на судиската функција,
– да утврдува престанок на судиска функција поради трајна неспособност за работа на судија;
– да одлучува за одземање на имунитет на судија;
– да одлучува по барање за одобрување на притвор на судија;
– да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите;
– да го разгледува годишниот извештај на Врховниот суд на Република Македонија за утврдените начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примена на законите,
– да одлучува за времено отстранување на судија од вршење на судиска функција;
– да го утврдува бројот на потребните судиски места по судови;
– да ги разгледува и оценува тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите;
– да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството;
– да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите;
– да поднесува извештај за работата;
– да донесе деловник и други општи акти со кои ги уредува работите од својата надлежност,
– да утврдува ориентационен број на предмети што треба да ги реши судијата месечно и
– да врши и други работи утврдени со закон.

zakletva_2-09-08_g4Советот задолжително најмалку еднаш во месецот одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите, како и за одолжување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака донесува одлука, најмногу во рок од 60 дена.

Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија. Извештајот  јавно се објавува  и во него  се содржани податоци за бројот на избраните и разрешените судии и судиите поротници, за бројот на поведени и завршени дисциплински постапки,за кадровската состојба во судството, за материјално – финансиската состојба во судството, оцена за соработката и односите на судовите со другите правосудни органи и органите на законодавната и извршната власт, оцена на состојбата во судството за заштита на човековите права и основни слободи и – податоците за постапување по претставки и предлозите од граѓаните и институциите за работата на судиите и судовите.

Извештајот содржи и оцени за работата на судиите во Република Македонија во однос на квалитетот и ажурноста на нивната работа, како и други прашања во врска со остварувањето на независноста и самостојноста на судството.

Средствата за работа на Советот се обезбедуваат од Републичкиот буџет од делот означен со Судска власт

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико