Правдико

   

Коментари на предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на РМ и Законот за Академија за судии и јавни обвинители

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Од: Институт за човекови права (ИЧП) Институт за европска политика (ЕПИ)
До: Министерство за правда на РМ

КОМЕНТАРИ НА ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ ОДБЈАВЕНИ НА ЕНЕР ВО ЈАНУАРИ 2018

1. Со измените и дополнувањата на Законот за Судски совет кои беа изгласани и влегоа во сила во декември 2017 година се пропиша дека објавувањето на записниците од јавните седници на веб страната на Судскиот совет, како и записниците од гласањето за одлуката за избор, е задолжително. На овој начин се создадоа посилни законски основи за зголемена транспарентност на Судскиот совет така што им се овозможува и на граѓаните и на медиумите да бидат подетално запознаени за секоја одржана седница која што била отворена за јавноста.

За разлика од овие изгласани измени и дополнувања, со последните предлог измени од јануари 2018 година, со кои се предвидуваат измени во член 33 од Законот за Судски совет, овие одредби (кои беа изгласани само пред еден месец) се бришат. Ова сметаме дека е целосно непотребно и спротивно на дадената оценка на состојбата во однос на транспарентноста на Судскиот совет. Ова посебно ако се земе во предвид заложбата на Владата на РМ за активна транспарентност за сите институции, нивна целосна отвореност кон граѓаните на РМ.

2. Со оглед дека не се предвидуваат измени на член 41 од Законот за ССРМ, овие критериуми за избор на судија во повисок суд (унапредување), не се усогласени со условите и критериумите утврдени во Законот за судови. Во случај да не се прават измени, во тој случај потребно е да се нарави терминолошко усогласување на критериумите за унапредување на судија во повисок суд од самиот член со понатамошното разработување на истите во делот каде тие се бодовно прикажани. Воедно да се направи усогласување на критериумите за унапредување предвидени во Законот за Судски совет со критериумите утврдени во Законот за судови.

Предлагаме сите критериуми од член 41 да бидат преточени во бодови од кои ќе се состои вкупната оцена на судијата потребна за понатамошно негово унапредување. Може да се размисли дел од критериумите како до сега да ја сочинуваат оценката на судијата како негово редовно оценување, а другиот дел да се употребуваат само во случај на унапредување на судија (пример односот со администрацијата односно со соработникот и судската администрација (кој се утврдува со анонимната акента), примена на судската пракса на ЕСЧП, пишување на стручни и научни трудови и слично). Но и во овој случај треба да се бодираат овие критериуми за да може да се формира оценка утврдена со бодови.

Непрецизирањето и неусогласувањето на критериумите за редовно оценување на судии и нивното унапредување, остава можноста на Судскиот совет произволно да ги применува критериумите, како што и досегашната пракса го покажа тоа, па во текот на 2015 и 2016 година се избираа кандидати кои освоиле најголем број на бодови од оценувањето за да изборот на судии во 2017 биде по принципот на повикување на важноста на дел од критериумите кои се пропишани во членот 41 а кои не влегуваат во квантитивното и квалитативното оценување на кандидатите и нивно рангирање.

Исто така потребно е да биде соодветно изменета, односно преформулирана на одредбата од член 42 став 2 така што предвиденото правило да се применува само во случаите кога најмалку двајца кандидати би имале најголем број бодови на ранг листата (која би се составила од страна на Судскиот совет имајќи ги предвид сите квалитативни и квантитативни критериуми кои се „преточени“ во бодови). Од досегашната пракса при изборот односно унапредувањето на судиите оваа одредба игра клучна улога, така што и покрај ранг листата на кандидати со најголем број одови, и покрај примена на останатите критеруми кои не се изразуваат во бодови, се избира/унапредува кандидат кој добива 2/3 од гласовите.

Дополнително, во однос на квалитативните критериуми предложени со предлог законот, а кои се однесуваат посебно на квалитетот во водење на судската постапка (почитување на законските рокови за преземање на процесни дејствија во постапката, почитување на законски рокови за донесување, објавување и изготвување на одлуките, времетраење на судската постапка и почитување на начелото на судење во разумен рок), потребно е да се земат предвид сложеноста на предметите и бројот на доделени предмети за работа. Ова пред се’ имајќи предвид дека сите судии немаат ист број на доделени предмети за работа, а дополнително и сложеноста на предметите не е со еднаква тежина. 3. Во постоечките законски одредби, како и во најновите предлог измени и дополнувања од јануари 2018 година не е доволно прецизирана ниту основата, ниту пак постапката за евентуално утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет пред органите кои ги избрале (Собранието на РМ, а особено судиите). Потребно е да биде предвидена можност да се отповикаат членовите на Судскиот совет од страна на органите кои ги избрале (еден вид гласање на (не)доверба за нивната работа која е различна од евентуалната кривична одоговорност на членовите на ССРМ).

Иако одредена отчетност е предвидена и во постоечките одредби на Законот за Судскиот совет на РМ, таа не е доволна. Имено, Судскиот совет изготвува годишен извештај за својата работа кој треба да го достави до Собранието на РМ на разгледување и усвојување. Судскиот совет треба да го достави извештајот до сите судови во РМ. Извештајот јавно се објавува.

Законот не дава можност за оценување на извештајот од страна на судовите во истата фаза како што е дадената такава можност на Собранието на РМ. Само доставувањето на извештајот до судовите без можност да се оценува и расправа е само формално-правна транспарентност а не и суштинска отчетност. Потврда на ова е и околноста што општата седница на Врховниот суд согласно законот за судови3 нема надлежност да го разгледува извештајот. Од друга страна пак во случај на неусвојување на извештајот од страна на Собранието на РМ4 post festum е предвидена можност за поведување расправа за оценување на нивната работа пред органите што ги избрале членовите на ССРМ (Собранието и судиите). Но во ваков случај, покрај претходниот услов Собраението на РМ да не го усвои извештајот, не е прецизирана ниту постапката во која би се оценувала работата на членовите на ССРМ, особено од страна на судиите кои го бираат мнозинството членови (8 члена од вкупно 15).

4. За да нема дилеми, во преодните и завршните одредби потребно е да се додаде една одредба во оваа насока: “Поведените постапки за дисцилинска одговорност и разрешување на судија од страна на Советот за утврдување на факти за покренување постапка за утврдување одговорност на судија кои на датумот на неговото укинување 18.01.2018 биле во фаза на постапување пред ССРМ, ќе продолжат да се водат по правилата на постапката предвидени во Законот за изменување и дополнување на Законот за ССРМ бр.197/2017 така што како најрана фаза на постапување ќе се смета изборот на тричлена комисија со жрепка од членовите на ССРМ која е должна да донесе одлука дека барањето за разрешување е дозволено и за суштината на истото да расправаат и мериторно да одлучуваат членови на ССРМ со право на глас освен членовите на тричлената комисија.”

КОМЕНТАРИ НА ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АКАДЕМИЈА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ОДБЈАВЕНИ НА ЕНЕР ВО ЈАНУАРИ 2018

Со цел усогласување на предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за судови со решенијата кои ги содржи Законот за Академија за судии и јавни обвинители и Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијатa за судии и јавни обвинители, предлагаме понатамошни измени во членот 57, став 1, алинеја 7 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители и членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијатa за судии и јавни обвинители.

Во предложените измени на Законот за судови од декември 2017 година во членот 8 е наведено: Алинејата шест која станува алинеја седум се менува и гласи: „-активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски)“. Ова решение не е во согласност со уловите содржани во Законот за Академија за судии и јавни обвинители и Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијатa за судии и јавни обвинители, каде стои дека за познавање на еден од официјалните јазици на ЕУ од кои задолжително англиски јазик што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ, Усогласувањето на овие услови го предлагаме заради превенирање од злоупотреба на доказите за познавање на јазик. Имено на 30 август 2016 година Академијата објави
конкурс за повик за прием на 60 слушатели, кандидати за јавни обвинители, согласно законските измени од 2015 година. На огласот се пријавиле 121 кандидат.

Она што наиде на контраверзии во јавноста е дека на конкурсот се пријавени околу 30 кандидати за слушатели за кој има основи на сомнение дека приложиле фалсификувани дипломи за познавање на странски јазици. Во оваа насока предлагаме во однос на познавањето на еден од официјалните јазици на Европската унија, да се ограничи потеклото на сертификатите со кои ќе се докажува познавањето на јазик, односно да бидат ограничени само од овластени тестатори во државата или пак тестот за странски јазик да биде во склоп на полагањето на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители.

Извор: Институт за човекови права (ИЧП)

Партнери на Правдико