Kомисија за заштита од дискриминацијa: Грaѓaнитe најчесто се жалат на дискриминација во делот на работните односи | Правдико

Правдико

   

Kомисија за заштита од дискриминацијa: Грaѓaнитe најчесто се жалат на дискриминација во делот на работните односи

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Комисијата за заштита од дискриминација денеска го презентираше Годишниот извештај за 2014 година. Според податоците од извештајот, зголемен e бројот на претставките кои биле поднесени до Комисијата за заштита од дискриминација.

discriminacion

Од Комисијата за заштита од дискриминација велат дека минатата година биле доставени 106 претставки, додека, пак, во претходната 2013 година имало 83 претставки. Во Извештајот се наведува дека била констатирана  дискриминација по личен и општествен статус, телесна попреченост, пол, а вознемирување е констатирано по основ на сексуална ориентација и политичка припадност.

Претставките најчесто биле во делот на работните односи, додека, пак, во врска со основите, најмногу претставки за дискриминацијата имало по основ на етничка припадност, личен и општествен статус, возраст и здравствена состојба.

Претседателот на комисијата, Душко Миновски, истакна дека во следниот период еден од приоритетите ќе биде засилување на јавната свест за заштитата од дискриминација, а во соработка со ОБСЕ, за која изрази благодарност за огромната поддршка, рече дека ќе биле организирани и отворени денови.

Во таа насока, Миновски истакна дека значајна била и соработката со невладината организација „ХЕРА“ зашто исто така имале корисни проекти.

Тој нагласи дека тие како Комисија лоцирале каде се потребни измени на антидискриминационата регулатива, додавајќи дека како Комисија предложиле свои сугестии и забелешки со цел поефикасно работење и охрабрување на граѓаните.

„Граѓаните многу тешко се охрабруваат да кажат за проблемите, за разлика од тоа во јавниот сектор знаат да поднесат претставка и да си го заштитат своето право“, рече Миновски.

Ленче Коцевска, член на Комисијата за заштита од дискриминација, рече дека во комисијата најмногу претставки за дискриминација пристигнале од областа на работата и работните односи.  За работата и работните односи како област на дискриминација биле пристигнати 42 претставки, додека во 2014 биле пристигнати 36.

„Граѓаните најчесто се жалат дека се дискриминирани во делот на вработувањето, во процесот на работењето и во сите права од работниот однос“, рече Коцевска, додавајќи дека двојно зголемување на претставките имало кај социјалната сигурност, односно во 2014 година имало 18, а во претходната година имало 9.

„Намалување има само во образованието, науката и спортот од 10 во 2013 на пет претставки лани“, нагласи Коцевска.

Според податоците што ги презентираше, во однос на етничката припадност минатата година биле доставени 26 претставки, за ментална и телесна попреченост и за здравствена состојба по 13, а 10 претставки има за полова дискриминација и 14 по основ на сексуалната ориентација.

Коцевска истакна дека има случаи што се веќе судски процесирани, а го наведе и примерот со правосилноста на пресудата за дискриминацијата во Делчево од страна на Општината, случај за кој исто така било дадено мислење од Комисијата.

Членот на Комисијата, Агим Нухиу говореше за активностите на Комисијата во изминатата година, за соработката со институциите, за локалната самоуправа, за невладините организации, за Мисијата на ОБСЕ во Скопје и за Академијата за судии и јавни обвинители.

Тој подвлече дека Комисијата веќе работи кон зацврстување на институционалните капацитети, посочувајќи дека Комисијата ќе продолжи да работи на зајакнување на јавната свест за заштитата од дискриминацијата.

Извор: Академија за судии и јавни обвинители

Препорачуваме

Партнери на Правдико