Комисијата за заразни болести со мерки за заштита на населението во поплавените подрачја | Правдико

Правдико

   

Комисијата за заразни болести со мерки за заштита на населението во поплавените подрачја

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

12082016162820_web_zaraza-banskoliev_(87)Претседателката на Комисијата за заразни болести Јованка Костовска, изјави дека екипи од ендокринолози од Клиниката за ендокринологија, од ГОБ „8-ми Септември“ и од Здравствен дом Скопје од денеска ќе ги посетуваат инсулинозависните пациенти и ќе делат терапија и ќе ги прашуваат за нивната здравствена состојба.

– Исто така, пуштени се екипи од лекар специјалист за инфективни болести и медицинска сестра кои ќе бидат стационирани во амбулантата во село Стајковци, и во пунктот во Ченто со цел антитетанична заштита и давање вакцина и серум на повредени лица кои учествуваат во санирање на подрачјето, а ќе вршат и скрининг на евентуални заразни болести – рече Костовска.

Со цел да се стигне до секое домаќинство, посочи, од вчера почнаа патронажни сестри на терен кои веќе посетија 487 семејства.

Потсети дека е извршена дезинфекција во Илинден, Бутел и во Кисела Вода со вкупно 35 илјади метри квадратни, од вчера е почната дезинфекција на куќите во Стајковци, каде водата е исцрпена и каде може да се спроведе дезинфекција, а денеска 16 лица со пупми заедно со АРМ вршат дезинфекција во Стајковци.

Костовска најави и ларвицидна дезинсекција за утре во зависност од временските услови на поплавените површини по ниви и секаде каде има поголема количина на вода.

За семејствата од поплавените подрачја кои не можат да дојдат до информации од Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација се подготвени брошури на македонски и албански јазик со точни информации како треба да постапува и да се заштити кои веќе се делат од Црвениот крст заедно со пакетите храна на населението.

– Комисијата за заразни болести донесе препорака за заштита на најзагрозеното население, како мајки, деца до 14 години, бремени жени, хронично болни и неподвижни лица, инвалидизирани и лица на дијализа, хемофиличари и лица со посебни потреби доколку се во можност да престојуваат одреден временски период кај роднини и познаници со цел да бидат во подобри услови и на посигурно и да се заштитат од заразни болести. Оние лица кои немаат каде да бидат сместени можат да се јават до пунктовите во Стајковци и Ченто каде ќе им биде обезбедено сместување, исхрана и медицинска заштита – рече Костовска.

На прашање дали болниците имаат капацитети да сместување на овие лица, Костовска, одговори дека болниците можат да ги примат и дека Клиниката за инфективни состојби е во мобилна состојба и има план за кризни состојби, а доколку има потреба и сите клиники се подготвени и ги активирале своите планови ако има зголемен број на заболени да ги примат.

На новинарско прашање за информациите од терен за наводни кожни заболувања, Костовска рече дека официјално пријавени нема, а екипа од кожни лекари и денеска е испратена на терен за проверка на овие информации. Појасни дека според тоа што е вчера проверено, станува збор за исипи како алергиски реакции.

За наводните иформации дека патронажните сестри и тимови немаат доволно лекови, Костовска рече дека лекови има и дека работата е да се стигне до нив и да им се дадат на оние на кои им се потребни.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико