Компаниите се принудени да ги редуцираат правните служби | Правдико

Правдико

   

Компаниите се принудени да ги редуцираат правните служби

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА РЕАГИРА НА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНИТЕ ЗА НОТАРИЈАТ И ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

Намалување на бројот на вработените во правните служби и зголемени трошоци за компаниите ќе биде резултатот од примената на новите измени во Законот за нотаријат и Законот за извршување, кои треба да стапат во сила од 1 јануари 2017 година, предупредија вчера во Стопанската комора на Македонија. Според новите законски измени некои постапки за нотарските платни налози и извршувањата ќе мора да ги вршат надворешни соработници, односно адвокати и адвокатски друштва. Претставниците на бизнис-заедницата сметаат дека треба да остане сегашната регулатива што овозможува компаниите да ги користат своите правни служби во постапките пред нотарите, извршителите и пред судовите.

04102016104228_web_notar_-_andonovski

– Над 60 отсто од анкетираните компании имаат правни служби, а со примената на новите законски решенија ќе мора да се реорганизираат и да намалат дел од вработените, бидејќи ќе имаат дополнителни трошоци со ангажирањето адвокатски канцеларии за работата што досега ја вршеле нивните правни служби – изјави Елена Милевска-Штрбевска, оперативна директорка во Стопанската комора на Македонија.

Оттаму објаснуваат дека новите решенија во законот, најмногу ќе влијаат врз зголемувањето на трошоците во работењето, одолжувањето на постапките и потребата од реорганизација на правната служба. Според новите измени во законот, за секаква правна услуга, како и пишување молби, жалби, правно застапување за секој предмет во износ од над 10 илјади евра, компаниите ќе мора да ги користат адвокатските услуги, наместо да го вршат тоа нивните правни служби, иако вработените имаат исти квалификации и соодветни лиценци како и вработените во адвокатските канцеларии. Во комората велат дека новите законски решенија создаваат нееднаков третман на правниците што работат во компаниите и оние што работат во адвокатските канцеларии.

Од вкупно 226 компании што биле вклучени во анкетата на Стопанската комора, 61,5 отсто имаат сопствена правна служба со по седум до осум вработени, а кај 30,7 отсто од компаниите, од еден до пет лица во правните служби имаат положено правосуден испит. Повеќето од анкетираните компании одговориле дека скоро и да немале потреба да ангажираат надворешни соработници во досегашното работење.
Милевска-Штрбевска објаснува дека резултатите од анкетата покажуваат дека самите компании имаат веќе правници што се компетентни и подобро запознаени со активностите на својата компанија отколку некој надворешен соработник, кој би бил ангажиран за извршување на некоја од правните постапки.

– Ангажирањето надворешни соработници за сметка на веќе постојните правни служби во компаниите, нема да значи подобро и поквалитетно завршена работа. Ова за фирмите ќе значи дополнителен финансиски товар што ќе предизвика реорганизација и негативни импликации врз работењето – истакна Милевска-Штрбевска.

Од Стопанската комора информираат дека со законските измени нема да се менуваат цените иако претходно било договорено да се намалат цените за нотаријат и за извршување, на сметка на зголемување на цените на адвокатските услуги.
– Во овој период имаме нов тарифник на адвокатите со повисоки износи, но нема намалување кај тарифниците на нотарите и на извршителите. Во зависност од тоа колкава е вредноста на работата што треба да ја завршат адвокатските канцеларии за компаниите, цената се движи од 700 до 12.600 денари. Според тоа, компаниите бележат само зголемување на трошоците – објаснува Милевска-Штрбевска.

Бизнисмените објаснуваат дека доколку се усвојат веќе дефинираните измени на законите за извршување и за нотаријат, трошокот на компаниите ќе се зголеми со тоа што дополнително ќе се плаќа за нотарите и за извршителите.
– Финансиското оптоварување во услови во кои правните лица се борат со конкурентноста на компаниите од странство што немаат вакви ограничувања, дополнително ќе ги елиминира можностите за поголем успех на пазарот. Во секоја високоразвиена земја, бизнис-заедницата е двигател и носител на економскиот пораст, а ваквите ограничувања само ги спречуваат насоките кон обезбедување на целите – изјави Милевска-Штрбевска.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико