Кон Балканот доаѓаат нов бран на мигранти | Правдико

Правдико

   

Кон Балканот доаѓаат нов бран на мигранти

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

 Во неделата од грчкиот остров Лезбос кон Атина се упатил голем брод со мигранти, од кои повеќето ќе се обидат да тргнат на север и преку Македонија и Србија да стигнат до ЕУ.

Наредните денови земјите од Балканот ќе се соочат со нов бран мигранти, предупредија грчките медиуми. Како што пренесува белградски „Блиц“, во неделата од грчкиот остров Лезбос кон Атина се упатил голем брод на кој се наоѓаат илјадници бегалци. Дел од нив планираат да останат во Атина и таму да се обидат да започнат нов живот, но повеќето ќе се обидат да тргнат на север и преку Македонија и Србија да стигнат до нивните одредишта, односно до некоја од земјите во Европската унија.

Од средината на јуни, кога беше усвоен новиот закон за азил во нашата земја, на бегалците кои изразиле намера да побараат азил до сега, им се издадени 30.865 дозволи – најбројни се државјаните на Сирија – 23.952, потоа Авганистан – 1.989, Ирак-1.627, Пакистан -1.005, Сомалија – 541, Палестина – 482, Конго – 294, Камерун – 134, Еритреја-131, Нигерија – 109, Етиопија – 108, додека останатите се во помал број. Само изминатите четири дена, им биле издадени потврди на 2.568 странски државјани.

Со овие потврди мигрантите можат три дена да се движат непречено во земјава, по што или треба да ја напуштат или да побараат азил.

Од започнувањето на издавањето на потврдите до 10 овој месец до Одделението за азил се поднесени 41 барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 31 барања се од државјани на Сирија, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак и едно барање од државјанин на Египет. Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 9 овој месец се евидентирани вкупно 5 баратели на азил, сите мажи, соопшти МВР.

Инаку, и во ЕУ не стивнуваат дебатите за проблемот со напливот на мигранти. Лидерот на Либералната група во Европскиот парламент, поранешниот белгиски премиер Гај Ферхофштат, смета дека е неопходен вонреден самит посветен на кризата со мигрантите

Повеќе од 180.000 мигранти влегоа од Медитеранот кон Европската унија од јануари оваа година. Истовремено продолжи да се зголемува бројот на жртви поради користењето небезбедни и пренатрупани чамци.

ЕУ одржа посебен самит за мигрантите во април, но од тогаш кризата е влошена. Трагедијата продолжи во средата, кога италијанската крајбрежна стража успеа да спаси 400 потенцијални мигранти од водите во близина на брегот на Либија откако нивниот брод потона. Се стравува дека уште 200 луѓе се удавија, пред да бидат спасени.

Поранешниот белгиски премиер истакна дека е неопходно ефикасно решение, при што секоја земја треба го преземе својот дел од товарот.

Меѓу предложените решенија од страна на лидерот на групата АЛДЕ се: поголема солидарност меѓу земјите-членки на ЕУ, посилни мерки за борба против илегалната имиграција и отворање на повеќе правни канали за економска миграција.(М.Ј.)

Извор:Утрински весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико