Правдико

   

Користење на правото на годишен одмор

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

0507patuvanja(Обновено 22.04.2015)

Правото на годишен одмор е загарантирано со Уставот

Правото на  платен годишен одмор е уставно загарантирано право (согласно член 32 став 4 од Уставот на Република Македонија). Уставот на Република Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже.

Доследно на ова, евентуална изјава со која вработениот би се откажал од правото на годишен одмор, односно од правото на паричен надомест за годишен одмор (што му следува доколку не го искористи) , во правна смисла е ништовна, а тоа значи не произведува правно дејство. Со други зборови –секоја изјава што би ја потпишале дека се откажувате од годишен одмор или од правото да бидете платени – нема да важи на суд. Истото се однесува и за евентуална спогодба меѓу работодавачот и работникот.

Минимално и максимално траење на годишен одмор

Работникот има право од платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, со тоа што со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи најмногу до 26 дена. Тоа значи дека иако во договорот за вработување не е внесена посебна клаузула за годишен одмор, според важечките Колективни договори и за приватниот и за јавниот сектор кои се однесуваат на сите компании, независно дали се или не се негови потписници   законскиот минимум  за годишен одмор е 20 работни дена, а  максимумот е 26 работни дена.

Повозрасен работник, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор. Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор.

Годишен одмор со скратено работно време  

Работникот кој е пријавен со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена

Користење на годишниот одмор 

Според Законот годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.

Работодавачот е должен  на  работникот да  му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година. Годишниот одмор кој што не бил искористен во тековната календарска  година заради отсутност поради боледување или  повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни  идната  календарска  година.

Исто така работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето

Во годишен одмор не се пресметуваат:

Како други случаи на оправдано отсуство од работа што не се пресметуваат во годишен одмор се и деновите на платено отсуство (поради смртен случај, полагање на стручен испит за потребите на работодавачот, елементарни несреќи и сл.) , како и неплатено отсуство до три месеци во календарската година ( селидба и други приватни потреби).

Доколку се случи боледување за време на годишниот одмор работникот нема право да го продолжи одморот. Според ЗРО како ден на годишен одмор се смета секој ден на конкретниот работник одреден според распоредот на работното време кај работодавачот. Со други зборови ако во неделата работникот има 4 работни дена и три слободни  во годишниот одмор се пресметуваат само 4 работни дена неделно.

Право на цел годишен одмор

Работникот кој за прв пат заснова работен однос (воопшто, не кај конкретниот работодавач)  се стекнува со право на користење цел годишен одмор (од 20 до 26 работни дена) кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци, независно дали работи полно работно време или пократко. При тоа мора да се знае дека работниците, во случај на прво вработување,  кои се пријавени на определено работно време кое е помало од 6 месеци формално правно немаат право на користење на цел годишен одмор, затоа што во тие 6 месеци биле пријавувани и одјавувани, без разлика што се работи за ист работодавач и помеѓу пријавувањето нема пауза. Тие имаат право на користење на пропорционален дел од годишниот одмор и тоа по два работни дена од секој месец работа.

Префрлување на цел одмор

Доколку во календарска година работникот не бил во можност да го искористи одморот за таа година поради: боледување или повреда, породилно отсуство или нега и чување на дете – може неискористениот одмор целосно да го искористи во наредната година, но само до 30 јуни.

Извор: http://ssnm.org.mk

Поврзани статии:

– Право на регрес за годишен одмор (К-15)

– Врз кои трошоци работникот има право на надомест

– Основна плата и додатоците кои следуваат

Партнери на Правдико