Правдико

   

Косово вети дека ќе го затвори исламистичкиот коридор кон Сирија и Ирак

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Властите велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за спречување на сите активности чија цел е поттикнување насилен екстремизам.

LINDAphoto

Косово ги презема сите мерки за спречување на приливот на борци во Ирак и Сирија како поддршка на Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ), велат официјалните претставници.

Косово е некаде на половина пат меѓу операциите на ИСИС и западна Европа, и дополнително стана кревок терен за регрутирање на својата територија. Околу 200 косовски државјани се борат како дел од џихадистичките терористички групи во Сирија и Ирак, честопати инспирирани и организирани од радикалните проповедници.

Официјалните претставници велат дека работат деноноќно на справување со безбедносниот предизвик што произлегува од меѓународните, како и домашните групи и поединци кои му помагаат на ИСИЛ.

Косовскиот претседател Атифете Јахјага потврди дека земјата подига „челични врати за да покаже дека овие безбедносни закани нема да може да се користат како коридор за движење кон Исток или Запад.“

Терористичките ќелии веќе навлегоа во Косово и имаат за цел да го шират верскиот радикализам, кој е опасен, покрај тоа што е нечовечки, рече Ментор Врајоли, истражувач во Косовскиот центар за безбедносни студии во Приштина.

„Изложени на таква опасност денес се земјите во регионот, како и демократските држави на Запад и на други места. Затоа борбата против оваа појава бара глобален ангажман“, рече Врајоли за SETimes.

Врајоли рече дека покрај полициската работа, мора да се работи и на спречување, па дури и изолација на поединците во Косово кои проповедаат екстремистички идеологии.

Косово минатиот март усвои закон со кој се санкционира учеството на неговите граѓани во странски војни. Властите уапсија повеќе од 40 осомничени – вклучително и имами – кои се бореле за ИСИЛ или биле вклучени во регрутирање борци во Косово и го организирале нивното заминување.

Властите велат дека Косово продолжува да ги следи осомничените за тероризам или лицата што на кој било начин ги помагаат војните во Сирија и Ирак, и презема навремени дејства за спречување на какви било активности чија цел е поттикнување насилен екстремизам и омраза.

„Косово е целосно посветено на … заштитата на својата национална безбедност со преземање на сите мерки со кои се спречуваат граѓаните да се приклучуваат на конфликти во странство, како и спречување на оние кои промовираат радикални и насилни идеи“, рече за SETimesБашмир Џемај, политички советник на косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај.

Експертите го поздравија зголемениот ангажман на владата, но велат дека истиот е задоцнет, со оглед на тоа што зголемениот исламски екстремизам во Косово и на Балканот е една од главните закани за регионалната безбедност и демократија, според Бурим Рамадани, поранешен косовски пратеник.

„Вклучувањето на Косово во меѓународната коалиција за борба против екстремистичката идеологија претставува силен аргумент за прозападната и продемократската ориентација на луѓето и институциите во Косово“, рече за SETimesБурим Рамадани, поранешен косовски пратеник.

Американскиот државен секретар Џон Кери минатиот месец испрати писмо до Хоџај, со признание за напорите на Косово.

Кери рече дека тероризмот останува итен приоритет и додаде дека двете земји се вклучени во заедничката борба за деградирање и уништување на ИСИЛ преку инклузивна и одржлива стратегија.

„Го поздравуваме придонесот на Косово во овие напори, вклучително и апсењето на странските борци и нивните поддржувачи, како и борбата против насилниот екстремизам“, рече Кери.

Џемај, исто така, рече дека Косово зазеде цврст страв да не дозволува да биде трансформирано во извор на криминални или терористички активности кои би ја загрозиле стабилноста и уставниот поредок на земјата.

„Американската поддршка е од клучно значење за развојот на безбедносните механизми на Косово. Косово ќе вложи максимални напори да ги поддржи нашите сојузници во справувањето со сите предизвици кои влијаат на нашите земји“, рече Џемај.

Извор: SETimes

Партнери на Правдико