Котевски побарал увид во доказите на СЈО | Правдико

Правдико

   

Котевски побарал увид во доказите на СЈО

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, побарал увид во доказите на СЈО, но не му било дозволено и тоа ќе биде направено некој друг ден.

– Побаравме увид во доказите, денеска не ни беа презентирани, ако воопшто ги има. Од тоа што досега можеме да го видиме од постапките на СЈО, како општ заклучок е дека СЈО работи исклучиво како партиска испостава на СДСМ. Гледаме дека Зоран Заев и СДСМ имаа огромни ветувања кон граѓаните и многу очекувано е дека ќе продолжат со политичките нарачки кон СЈО за прогон на функционери од ВМРО-ДПМНЕ – рече Котевски по распитот.

Котевски е осомничен во случајот „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за перење пари преку партиската сметка.

Околу 14 часот на распит за истиот случај дојде и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Пред да влезе во обвинителството, Димовски рече дека бил викнат поради гласните дискусии во Собранието, а некому тоа му пречело. На распит треба да се појават и Александар Бичиклиски и Кирил Божиновски.

Неофицијално, поканата за распит повторно не ја примил претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој според некои медиуми е на одмор со семејството надвор од државата. Котески не одговори на прашањето каде е Груевски.

Распитите за случајот „Талир“ почнаа во петокот, кога во СЈО се појавија Емил Димитриев, Даниела Рангелова и Миле Јанакиевски.

Во СЈО продолжува распитот на Горан Грујовски, поранешниот началник на Петтата управа во УБК на МВР, кој од 10.30 е во СЈО.

Грујовски е осомничен во два случаи на СЈО, „Тврдина“ – за уништување на опремата за следење на комуникации и „Таргет“ за прислушување јавни личности, политичари и новинари. За него веќе е поднесено обвинение за случајот „Тврдина 2“, во кој Грујовски е првообвинет за уништување докумeнтација поврзана со нелегалното прислушување. Од СЈО не откриваат за која истрага Грујовски е повикан на распит.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико