Коѕиас: Нема прием во НАТО со БЈРМ | Правдико

Правдико

   

Коѕиас: Нема прием во НАТО со БЈРМ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, на прес конференцијата со министерот Никола Димитров во Атина порача дека Грција ќе ја поддржи Македонија за членство во меѓународните организации, но условот и натаму е да се реши спорот за името на државата.

Средбата со Димитров барем јавно не ги омекна грчките ставови, факт што Коѕиас се обиде да го ублажи со тврдењето дека Атина го поддржува територијалниот интегритет на Македонија, дека не одобрува мешање на трети земји во нашите внатрешни работи и дека е против било какви санкции против нашата држава. Со оваа изјава Коѕиас практично и даде поширока конотација на одлуката да се спротивстави на санкциите на Брисел за претходната влада на Македонија, додека таа ги блокираше демократските промени во земјата.

Прес конференцијата се случи по едночасовна средба во четири очи меѓу министрите по која следеше средба на двете делегации, а планиран е и работен ручек пред Димитров да замине на средба со претседателот на државата.

Што е најважно, Коѕиас најдиректно ги отфрли очекувањата од македонска страна дека сепак е можен прием во НАТО со референцата, што како нова иницијатива го презентираше премиерот Зоран Заев минатата недела во Брисел. Според Коѕиас, Грција досега понудила многу решенија, така што влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО нема да биде можен со референцата туку со нов договор во ОН за ново име.

Сепак Димитров изјави дека средбата во Атина е добар почеток и дека на Македонија и е потребна помошта од Грција.Двајцата најавија серија нови мерки за градење доверба меѓу двата народа, при што Димитров порача дека ќе се најде начин како да се олесни нарушувањето на меѓусебните односи. Тој исто така дополни дека негова главна цел е подддршка од грчката влада и јавноста, за исправено да одиме кон ЕУ и НАТО.

„Јас сакам да ве убедам дека ние сме фокусирани на границите кои ги имаме и премногу чекаме во чекална во еден регион кој не е во идеална кондиција“, рече Димитров, нагласувајќи дека во овој регион, иако е потребно време да се сфати тоа, земјите напредуваат или назадуваат заедно.

„Бидејќи сме во нагорна линија потребна ни е помош, и мислам дека ова е добро и за вашата земја. Главната порака која сакам да ја испратам при посетата е дека барање поддршка од Грција да напредуваме на евроинтегративниот пат“, убедуваше Димитров.

„Грција сака да му помогне на нашиот сосед. Важно е да имаме пријателски односи со министерот Димитров. Со денешните дискусии нема да го решиме прашањето, меѓутоа градиме позитивна клима и имаме позитивна рамка за решавање на ова прашање. Не е доволно да имате добри намери, потребни се и напори за добро решение“, забележа Коѕиас. Надвор од овој контекст тој забеллежа дека претходната влада проблемот со името од географски го претворила во идентитетски проблем.

Генерално, Коѕиас беше задоволен што Македонија го најде патот кон стабилноста, посочувајќи дека има чувство кое може да ја однесе кон подобра иднина. Според него, со Димитров се согласиле дека треба да се преземат најдобрите чекори за да се развие соработката, а го расчистиле и прашањето за патот за пренос на нафта од солунското пристаниште. Тој веруваше дека спроведувањето на мерките за градење на доверба ќе доведат до фаза каде ќе се зборува за решавање на проблемот кој ја закочи Македонија на пат кон ЕУ.

„Преку конкретни чекори да изградиме позитивна слика во регионот. Сите заедно можеме подобро од она што го правиме на Балканот. Ќе продолжиме да даваме аргументи, со зборови и со дела, дека е во интерес на нашиот јужен сосед ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ“, реплицираше Димитров.Тој потоа фигуративно објасни дека Македонија е натапкана, дека станала бетон, а за да изникне нешто мора да работат.

„Овде сум денес да барам поддршка, и помалку е важно кој ќе биде победник. Од грчката влада и јавност во овој момент ни треба потик исправено да чекориме по патот по кој сакаме да одиме, бидејќи буквално бевме неподвижни изминатите неколку години.Немаме скриени агенди и сакаме да бидеме пријател со вашата земја“, беше пораката на Димитров. Тој на крајот го покани Козиас во возвратна посета на Македонија, што грчкиот министер ја најави за крајот на август.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико