Правдико

   

Кривична одговорност при непочитувањето на правата од работните односи

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

employees-working-together1Согласно член 32 од Уставот на Република Македонија ,, Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат”.

Потешките повреди и непочитувањето на правата кои произлегуваат од работните односи, ја налага потребата од интегрирање на казнена одговорност. Кривичниот законик опфаќа кривични дела против работните односи, но не на сите права кои произлегуваат од работните односи во целина, туку оние чија заштита не може да биде остварена на друг начин, како што се правата од социјалното осигурување, здраственото, инвалидското и пензиското осигурување, заштита при работа и слично.

Повреда на правата од работен однос

Кривично ќе одговара тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа. За ова кривично дело е предвидена парична казна или  затвор до една година. Ако делото го сторило правно лице, ќе се казни со парична казна.Кривичното дело настанува со определено ограничување, одземање или повредување на правата од работниот однос, како и во непризнавање на правото или неостварување на правото што му припаѓа на работникот.

Повреда на правото од социјално осигурување

Кривично ќе одговара тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и други видови социјално осигурување и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа. За ова кривично дело е предвидена  парична казна или  затвор до една година. Ако делото го сторило правно лице, ќе се казни со парична казна. Кривичното дело настанува со повреда, ограничување или одземање на ова право, со свесно непридржување (умисла) кон законот, другите прописи и колективниот договор.

Злоупотреба на правата од социјално осигурување

Кривично ќе одговара тој што со симулирање или предизвикување болест или неспособност за работа ќе оствари право на здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и други видови социјално осигурување, што според закон, друг пропис или колективен договор не му припаѓа. За ова кривично дело е предвидена парична казна или  затвор до една година. Ова кривично дело за разлика од другите кривични дела против работните односи не се однесува на повреда на некое право на работникот. Во суштина овде се работи на остварување на некое право по пат на измама, при што како последница на кривично дело претставува остварување на определено право.

Повреда на правата за време на привремена невработеност

Кривично ќе одговара тој што со злоупотреба на службената должност не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор за правата на граѓаните за време на привремена невработеност и со тоа на друг потешко ќе му го повреди или одземе правото што му припаѓа. За ова кривично дело предвидена е  парична казна или  затвор до една година.

Непреземање мерки за заштита при работа

Кривично ќе одговара одговорното лице во правно лице кое свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор за мерките за заштита при работата. За ова кривично дело е предвидена парична казна или  затвор до една година. При изрекувањето условна осуда судот може на сторителот да му наложи во определен рок да постапи според прописите за мерките за заштита при работата. Ако делото го сторило правно лице, ќе се казни со парична казна. За настанување на ова кривично дело сторителот треба да биде свесен за дека не се придржува кон прописите за мерките за заштита при работа.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

–  Кои се основани и неосновани причини за отказ

–  Откажување на договорот за вработување со и без отказен рок

–  Кривична одговорност при непочитувањето на правата од работните односи

– Права и обврски кои произлегуваат од договорот за вработување

Партнери на Правдико