Правдико

   

Кривична против поранешниот градоначалник на Јегуновце, се полнеле горива на сметка на Oпштината

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поранешниот градоначалник на општина Јегуновце и уште три лица од Tетовско добија кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластувањето, несовесно работење во службата и соизвршителство.

Пријавите се поднесени против Т.К. (50) од Скопје, Д.С.(42) од сeло Јанчиште, Тетовско, Р.М. (46) од Беловиште, Тетовско, и Д.К. (41) од Туденце, Тетовско.

„Во периодот од 1 јануари до ноември минатата година година првопријавениот Т.К. (50) како градоначалник на општина Јегуновце во повеќе наврати им овозможил на вработените во Општината да ставаат гориво во своите приватни возила на сметка на Општината. На тој начин го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 214.515 денари. Исто така, во периодот од 1.9.2017 до 30.11.2017 година тој одобрил нарачки на бекатон-плочки од фирма од Тетово, кои потоа им биле доставувани на повеќе физички лица, со што го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 1.057.026 денари. Во текот на 2017 година, првопријавениот, спротивно на Законот за јавните набавки, одобрил јавни набавки во износ од 500 евра во денарска противвредност, без да бидат даночени со ДДВ, а во повеќе наврати им овозможи привилегиран статус на четири фирми кои вршеле набавки за разни потреби на Општината, со што го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 1.140.224 денари“, соопшти МВР.

Во текот на 2017 година, второпријавениот, како раководител на Одделот за финансии во Општина Јегуновце и претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на Законот за јавните набавки, одобрил да се склучат повеќе договори со исти фирми, а на други фирми, кои имале тендерска постапка, одобрил да им бидат исплатени парични средства и покрај тоа што од нивна страна не биле почитувани законските регулативи и како инвеститори не постапиле во согласност со проектите, односно не вршеле надзор за извршената работа и доставената стока. На овој начин второпријавениот го оштетил буџетот на Општината за 3.176.679 денари.

Во периодот од 1.1.2017 до 30.11.2017 година, третопријавениот, како возач во Општина Јегуновце, не водел никаква евиденција за службените возила. Платежните картички за точење гориво во службените возила ги распоредувал на вработени лица во Општината. Исто така, тој набавувал делови и опрема за службените возила без склучен договор за вакви набавки. За подигнатата стока немал соодветна документација за тоа каде биле монтирани. На тој начин третопријавениот го оштетил буџетот  на Општина Јегуновце за 50.901 денар.

Во периодот од 1.5.2017 до 31.12.2017 година, четвртопријавениот, како помлад соработник за заштита, спасување и управување со кризи во Општина Јегуновце, вршел набавки на средства за хигиена и пијалаци за Општината од фирма на која ѝ истекол договорот со Општината, а платежната картичка за точење гориво во службените возила ја користел за свои лични потреби. На овој начин четвртопријавениот стекнал противправна имотна корист од 21.919 денари за кој износ го оштетил буџетот на Општина Јегуновце. Пријавените со извршените кривични дела го оштетиле буџетот на Општина Јегуновце во вкупен износ од  5.661.354 денари.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико