Правдико

   

Кривична за Тодоров оти не активирал банкарска гаранција за „Конструктор“

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против ексминистерот за здравство Никола Тодоров оти не ја активирал банкарската гаранција на хрватски „Конструктор“, кој доцнел со изведување на градежните работи во неколку здравствени установи. Управата поднесе кривична пријава и против П.В., раководител на единицата за имплементација на проектот за реконструкција и доградба на објекти во здравствени установи при Министерството за здравство. Кај двајцата постои сомневање за несовесно работење во службата.

Министерството за здравство во 2010 година склучило договор за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за ЈЗУ Општа болница – Куманово, ЈЗУ Општа болница – Кочани и ЈЗУ Општа болница – Крива Паланка со изведувачот „Конструктор инженеринг“ АД Сплит.

„Првопријавениот Т.Н. како министер за здравство и второпријавениот П.В. како одговорно лице на проектот и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото и неквалитетно извршување на работите од страна на изведувачот „Конструктор инженеринг“, во текот на 2011 година не презеле активности за активирање и наплата, но не побарале ни продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција во износ од 3.813.000 денари за навремено и квалитетно извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавните набавки и договорот со изведувачот“, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година Министерството за здравство го раскинало договорот  со „Конструктор“. За довршување на работите биле склучени договори со други изведувачи.

„Со пропуштање активирање на банкарската гаранција и други службени дејства пријавените несовесно постапиле во извршувањето на своите овластувања и должности, со што го оштетиле буџетот на Министерството за здравство, односно буџетот на Р. Македонија за вкупен износ од 3.813.000 денари и на ваков начин сториле кривично дело несовесно работење во службата од член 353 – в од КЗ на Р. Македонија“, соопшти Управата.

Пријавените имале обврска да ги почитуваат законските прописи и процедури во согласност со склучениот договор, имале обврска да ја следат реализацијата на проектот, да постапуваат во согласност со правата и обврските во договорот, да ги почитуваат условите и роковите наведени во договорот, како и да го следат текот на изведбата на градежно-занаетчиските работи на објектите.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико