Кривични пријави за поранешни директори и за поранешниот градоначалник | Правдико

Правдико

   

Кривични пријави за поранешни директори и за поранешниот градоначалник

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и против поранешните директори на домот, Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за злоупотреби во работењето на оваа јавна установа, како и против прилепската фирма „Марфил“, истакна на прес-конференција в.д. директорот на Домот, Кристијан Пиличев.

Според Пиличев, постојат сериозни индиции дека била злоупотребена службената положба.

– Екс градоначалникот Марјан Ристески и поранешната директорка Ирена Стерјовска Локвенец се сомничат за злоупотреба на службената должност и овластување, бидејќи Стерјовска Локвенец била именувана за директор на оваа установа спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс. Конкретно, според конкурсот, директорот требало да има претходно работно искуство од најмалку четири години, а Стерјовска Локвенец, која дипломирала во април 2013 година, именувана била две и пол години подоцна, односно на 05.11.2015 година. Со тоа Рстески на Стерјоска незаконски ѝ овозможил да биде директор во периодот од ноември 2015 до декември 2017 година – рече Пиличев.

Тој посочи дека двајцата поранешни директори, Дарко Рибароски и Ирена Стерјовска Локвенец, се сомничат за сторени три кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, непријавување кривично дело или сторител и злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство.

– Поранешниот директор Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле Домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, изготвувајќи фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи за домот, кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Испратниците и фактурите „Марфил“ ги употребил во постапка пред нотар и ги наплатил во целост – вели Пиличев.

Според него, Основното јавно обвинителство треба да изврши вештачење врз материјално-финансиското работење на оваа јавна општинска установа, поврзано со постапката за јавни набавки со прилепската фирма „Марфил“.

Тој информира дека финансиската сосотојба во Домот не е добра, иако сметката не е блокирана, инстиуцијата има долгови кон добавувачите од околу 3,5 милиони денари.

– Се обидуваме да ја промениме состојбата преку подобрувањето на условите во домот за штитениците, прием на нови и со дел субвенции од општината, бидејќи без нив тешко ќе функционираме – вели Пиличев.

Во прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ моментално има 116 штитеници, а капацитетот е за 145 лица.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико