Кривични пријави за поранешните градоначалници на Ново Село и Василево | Правдико

Правдико

   

Кривични пријави за поранешните градоначалници на Ново Село и Василево

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Б.В. (54) од Ново Село поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против А.Б. (54) од с.Мокрино поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „соизвршителство“ и против правно лице од с.Мокрино, Општина Ново Село.

Согласно со донесената одлука за отстапување на нафтени деривати од задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати на Министерството за животна средина и просторно планирање, за чистење речни корита, за 2015 година, за општина Ново Село биле доделени 6.000 литри нафта. Од доделените 6.000 литри нафта, на 28.07.2015 година во посебно направени буриња за складирање нафта во подрумските простории на административната зграда во општина Ново Село биле примени 3.000 литри нафта. Б.В., кој извршувал функција градоначалник на општина Ново Село, спротивно на Законот за спречување  судир на интереси, во содејство со А.Б., управител и сопственик на правното лице, без да биде спроведена јавна набавка за чистење на речно корито „Порој канал“ во с.Колешино, на вработен во општина Ново Село му наредил останатите 3.000 литри да бидат источени во цистерна во сопственост на правното лице од с.Мокрино, лоцирана во магацин во Струмица.

Правното лице подоцна ја добило јавната набавка за работата, за што од страна на правното лице била изготвена и издадена приемница на 3.000 литри нафта и таа била доставена како доказ за евиденциите во општина Ново Село дека нафтата е примена. Откако биле источени доделените 6.000 литри нафта за потребите на општина Ново Село, Б.В., иако бил должен, не водел евиденција за искористените количини нафта, ниту, пак, изготвил документција со што постои основано сомневање дека тој со останатите пријавени се стекнал со противправна имотна корист на штета на општина Ново Село во висина од 300.000 денари.

Полицијата поднесе кривична пријава и против В.С. (51) од с.Едрениково, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Тој како поранешен градоначалник на општина Василево не извршил задолжителниот надзор или увид во доставената документација од страна на лице од с.Добрашинци за работно место по спроведен Јавен оглас за вработување. Иако знаел дека лицето е без соодветно образование, на 25.06.2010 година му изготвил решение за вработување со кое го вработил на работно место Референт за угостителство, туризам и занаетчиство во Одделението за комунални работи и уредување на градежно земјиште и локален економски развој во општинска администрација на општина Василево, а бил распореден на работното место во период од 18.08.2010 до 09.03.2012 година. За тоа работно место, согласно со Правилникот за систематизација на работни места на општинската администрација во општина Василево, било потребно кандидатот да поседува IV степен на средна стручна спрема или V степен. Со таковото дејствие пријавениот нанел штета на буџетот на општина Василево.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико