Кривичниот суд има само 2 камери, а сè повеќе обвинети од СЈО бараат да им се снимаат судењата | Правдико

Правдико

   

Кривичниот суд има само 2 камери, а сè повеќе обвинети од СЈО бараат да им се снимаат судењата

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Кривичниот суд во Скопје има само 2 камери за снимање на судењата, иако Законот за кривична постапка во членот 374 пропишува таква можност за сите судења. „Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во моментов располага со две камери со  кои досега било овозможено аудио-визуелно снимање на расправите за кои имало одлука на надлежниот судија или совет седницата да биде снимена“, велат од кривичниот суд за „Макфакс“.

Адвокатите на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на ексминистерите Владимир Пешвски и Миле Јанакиески, како и бизнисменот и новинар, Драган Павловиќ-Латас, кои се обвинети од специјалното јавно обвинителство, побараа нивните судења во согласност со Законот за кривична постапка да бидат снимани визуелно-тонски. Но, во кривичниот суд тоа може да се одвива само во најголемата судница 1. Токму затоа, рочиштето „Тотал“ во кое е обвинет Латас, е закажано дури на 9 февруари 2018 година.

На минатото рочиште, пак, за предметот „Насилство во Центар“, по подолга пауза судењето беше снимано со 2 камери кои беа поставени во судницата. Адвокатот на Никола Груевски, Димитар Дангов, реагираше до судијката зашто се водат записници на компјутер кога рочиштето се снима со камера. Тој на почетокот на судењето побара сите досегашни записници од рочиштата да бидат поптпишани од странките за да имаат правно дејство. Судијката Татјана Михајлова го одби предлогот со образложение дека откако е стапен на сила новиот Закон за кривична постапка во 2013 година, се донесени стотици пресуди, во кои главната расправа се водела со стенографски записник.

На прашање на „Макфакс“ дали е предвидено судот да набави дополнителна опрема за снимање на судските рочишта, од судот не ја исклучуваат таа можност. „Секако  судот, доколку е потребно, во иднина ќе обезбеди дополнителна техничка опрема со што би им се излегло во пресрет на барањата за аудио-визуелни снимања на расправите“, одговорија од судот. Законот за кривична постапка предвидува кога не постојат технички услови за тонско или визуелно-тонско снимање на текот на главната расправа, судијата или претседеателот на советот може да нареди за текот на главната расправа да се води стенографски записник.

В. Маглешов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико