Кризата во Грција ја поттикна нелегалната проституција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Јоана е 36-годишна Гркинка, која претходно работела како манекенка и пејачка. Меѓутоа денес таа работи во хотелот на плоштадот „Омонија“ во центарот на Атина како проститутка, бидејќи нема друг начин за преживување и нуди услуги за 15 евра на час. Фотографскиот проект „Тело во криза“ на уметникот Џанмарко Маравилја нуди поглед во светот на сексуалните работнички во главниот град на Грција. Грчкиот Национален центар за општествени истражувања (ЕККЕ) со една претходна студија утврди дека процентот на проституцијата од 2013 до 2015 пораснал за 150 отсто. Маравилја на својата страна опиша дека кризата во Грција е постојана, без оглед на тоа дали се говори или не во медиумите и Европската Унија.
– Околу плоштадот „Омонија“ десетици проститутки, често зависнички од дрога, го продаваат своето тело за неколку евра во трошни хотели. Во околните улички голем број зависници користат хероин на отворено, порнографски кина нудат мрачни соби во кои млади деца им го продаваат своето тело на постари лица. Во блискиот парк живеат и млади мигранти, често малолетници, кои само што избегале од пеколот на војната, се проституираат за три или четири евра. На некои улици постојат и десетици илегални бордели во кои работат девојки што се понудени како на пазар. Ништо од сите овие работи не е тајна, дури сите знаат сѐ за овој реон, но властите велат дека не се во можност да интервенираат. Нема пари за да им се помогне на овие луѓе, ниту пак можност тие некако да се заштитат. Тоа е цената што се плаќа од кризата во која страдаат најслабите – изјави фоторепортерот.
Освен тоа, горенаведените случаи и не се најдраматични. Впрочем, зад овие случаи се крие и трговија со бели робје и организиран криминал. Напливот на Грци и Гркинки што се проституираат е голем. Цената за сексуален однос во еден од тие трошни хотели некогаш се случува да падне дури и до 5 евра. Некои од овие луѓе му дозволиле на Маравилја да влезе во нивните хотелски соби, во кои инаку влегуваат само муштерии, да ги фотографира и да ги чуе нивните приказни. Голем број луѓе од овие делови во градот се зависници од дрога и по тоа Атина не се разликува од преостанатите метрополи во Европската Унија. Грција одамна е во криза, меѓутоа, одеднаш се појавија голем број луѓе на кои проституцијата им е единствен начин да ги нахранат семејствата или самите себеси. Се проституираат и студенти и студентки, бидејќи семејствата што претходно ги издржувале во текот на школувањето, прекуноќ пропаднале финансиски.
Инаку, во Грција проституцијата е легална, но за таков вид бордел е потребно да се добие лиценца, што е неспоредливо поскапо од илегалните. А трендот на илегални јавни куќи потоа создава организиран криминал и сексуалните работници во таквото опкружување се препуштени на милост и немилост на најлошите луѓе што се од другата страна на законот.
Извор: Нова Македонија