Кризниот штаб не донесе заклучоци за предложените ковид-мерки, тие ќе се разгледуваат утре на Влада
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, утрово, на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) ги предложи мерките на Комисијата за заразни болести, кои со консензус беа усвоени на состанокот минатата недела, информираа од Министерството за здравство.
Според соопштеното, министерот посочил дека мерките што ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјата, како и за зголемување на вакцинацијата во државата.
Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложил дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани, се движи од 75 до 80 %.
„Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот – Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други“, посочуваат од Здравство.
Министерот Филипче, додаваат од таму, вечер ќе одржи состанок со синдикатите за да ги чуе и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.
На денешниот состанок на ГККШ не беа донесени заклучоци, предлог-мерките ќе се разгледуваат утре на седница на Владата, се прецизира во соопштението од Министерството.
Извор: Макфакс