Kучето, опасно или не, на улица мора да биде врзано | Правдико

Правдико

   

Kучето, опасно или не, на улица мора да биде врзано

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

938CB962AABE4548A0A9C9D82D62ED91

Секој сопственик на куче на влезната врата треба да постави табла со која се укажува на присуство на куче, без разлика дали е опасно.

Kучето на јавно место задолжително мора да се води со подводник, а ако е опасно, мора да носи и корпа преку устата, освен на специјални места, како паркови за миленици, каде што кучето може слободно да трча во присуство на сопственикот. Агенцијата за храна и ветерина (АХВ) подготви измени и дополнувања на Законот за благосостојбата на животните, со кој, меѓу другото, се уредуваат обврските на сопствениците на домашни миленици. Со измените се отвора можност за поефикасно казнување на сопствениците на кучиња, кои често ги шетаат по улиците и парковите без синџир и без корпа и неретко се случува граѓани да бидат каснати.

Без подводник може да одат само ловечките кучиња за време на лов и овчарските додека го придружуваат стадото. За да имаат сопствениците каде да ги истрчаат кучињата, општините и Градот Скопје се должни да определат временски периоди и соодветно означени јавни површини за таа намена. Законот пропишува и дека сопствениците не смеат да ги напуштаат домашните миленици.

– Врз милениците е забрането да се вршат хируршки интервенции за модифицирање на изгледот, скратување на опашката и потсекување на ушите, девокализација, отсекување канџи и обеззабување – се вели во законот.

Сопствениците се должни еднаш годишно да ги пријават своите кучиња во ветеринарните амбуланти.

Регистар на опасни кучиња

Прв пат кај нас ќе се формира регистар на опасни кучиња, кои ќе се прогласуваат врз основа на одредени критериуми или расни карактеристики.

– Ако некој сака да чува опасно куче, треба да исполни одредени услови. Мора да го чува во заграден простор или врзано, а при движење, освен подводник, задолжителна е и маската. Малолетник не смее сам да шета опасно куче. Ако сопственикот не го прави ова и не му е јасно зошто е потребно кучето да му е врзано, ќе мора да помине соодветна обука во АХВ – велат во Агенцијата.

Kучињата кои што бидат затекнати во организирана борба, ќе се одземаат од сопствениците и ќе се сместат во прифатилиште. Ќе им се направи тест за социјализација и за утврдување агресивност и ако не се агресивни, ќе се понудат за удомување. Ако никој не ги земе за 30 дена, ќе се евтаназираат. Ако кучето е агресивно, веднаш ќе се евтаназира.

– Во случај кога куче нападнало човек или животно, се врши процена на околностите во кои се случил нападот. Ако нападот не бил испровоциран или кучето е агресивно, а сопственикот сака да продолжи да го чува, тоа ќе биде кастрирано, а газдата ќе треба да посети обука. Ако не сака да го чува, ќе се изврши процена дали е за удомување, а на сопственикот ќе му се забрани чување опасни кучиња во период од пет години. Ако кучето нападнало човек втор пат, тоа веднаш се одзема и евтаназира, а сопственикот добива забрана за чување какви било кучиња во период од пет години – се вели во законот.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека доставиле повеќе амандмани на законот, со кој бараат забрана за евтаназија на бездомните животни и забрана за експерименти врз животни.

– Бараме и исклучување на дефинирањето опасни кучиња согласно расите, бидејќи такво нешто не постои – вели Столе Велковски, претседател на Здружението.

За напуштање миленик, 150 евра казна

Kазна од 30 евра во денарска противвредност ќе добие сопственикот што не го води кучето врзано. Ако го напушти миленикот, ако ја поттикнува агресивноста и врши хируршки интервенции, казната изнесува 150 евра. Оној што нема да го пријави кучето на ветеринар ќе биде казнет со 30 евра, а толкава е казната и ако на влезот нема табла „пази куче“. Со 3.000 евра ќе се казни физичко лице ако предизвикува болки, патење или повреди на животните. Овие законски одредби и казни ќе ги спроведуваат и државните и општинките комунални инспектори.

Градските власти велат дека досега доследно го спроведуваат Законот.

– За регистрираните кучиња веќе се направени неколку катчиња со справи за рекреација и слободно движење. Освен тоа, обележени се патеките на јавните површини каде што може да се движат сопствениците со миленичињата – велат во Градот.

Тие појаснуваат дека градските комунални инспектори досега не биле надлежни да го решаваат проблемот со сопствениците што не ги водат кучињата со подводници. И во општините објаснуваат дека досега кучињата ги третирале само според Законот за јавната чистота, односно пишувале казни во 50 евра ако го затекнат сопственикот кој нема да го собере кучешкиот измет од јавната површина. Во Kарпош годинава се изречени 18 такви казни.

Годинава каснати 871 граѓанин

Според д-р Горан Рангелов, од почетокот на годината до декември на Инфективната клиника во Скопје се јавиле 871 граѓанин каснати од куче.

– Од нив, 113 беа каснати од непознато куче, односно од бездомници, а 758 беа каснати од кучиња што имале сопственици. Важно е тој што ќе го касне куче во рок од 24 часа да се јави на матичен лекар, кој во зависност од раната ќе го испрати или на хируршка клиника или во општа болница на инфектолог. Потоа се одредува стереолошки или вакцинален третман – вели д-р Рангелов.

Тој нагласува дека пациентот, ако е можно, треба да го најде кучето што го каснало, а ветеринар да утврди дали е вакцинирано. Ако кучето не се најде, се применува вакцинација против беснило кај каснатиот.

Од МВР велат дека месечно добиваат по две-три пријави за каснување од куче.

Нема веќе циркус со животни

Ново во законот е и што во Македонија ќе биде забрането да се одржуваат циркуски претстави во кои се користат диви животни, како и држење, одгледување и размножување животни наменети за циркус.

– Се забранува и држење, одгледување и размножување животни за производство на крзно – велат од АХВ.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико