Купување и давање под концесија на градежно земјиште | Правдико

Правдико

   

Купување и давање под концесија на градежно земјиште

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ddsssКУПУВАЊЕ НА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ

Градежното земјиште може да биде во сопственост на Р.Македонија и на домашни физички и правни лица. На правото на сопственост на градежното земјиште и на другите права врз тоа земјиште се применуваат прописите за сопственоста и другите права врз стварите, како и прописите за евиденција на правата врз недвижностите.

Сопственоста на градежното земјиште ја опфаќа неговата површина и се она што со него е трајно поврзано, а се наоѓа на површината или под неа, ако со закон поинаку не е определено.
Прометот со градежно земјиште е слободен со исклучок на градежното земјиште во сопственост на физички и правни лица на кое е планирана изградба на објекти од јавен интерес на Републиката, утврден со закон, првенствено право на купување има Р.Македонија.

ДАВАЊЕ ПОД КОНЦЕСИЈА

Владата на Р.Македонија може градежното земјиште во сопственост на Р.Македонија да го даде под концесија на домашно и странско правно и физичко лице, ако намената на тоа земјиште е поврзана со дејност или добро во општ интерес на Републиката за кои со Законот за концесии и со Законот за градежно земјиште е предвидено давање на концесија.

Концесионери можат да бидат физички или правни лица запишани во трговскиот регистар на Р.Македонија, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во трговскиот регистар на Р.Македонија.

Градежното земјиште се дава под концесија по претходно спроведен јавен конкурс. Ако во постапката за доделување на концесија учествува странско лице или конзорциум, со јавниот повик може да се предвиди како услов за склучување на концесискиот договор да основаат друштво согласно со Законот за трговски друштва и Законот за измена и дополнување на законот за трговски друштва. Ако на објавениот конкурс не се јави заинтересирано лице, градежното земјиште може да се даде под концесија во постапка со прибирање на понуди кои се поднесуваат до органот на државната управа надлежен за работите на управување со градежно земјиште.

Висината на надоместокот за користење на концесијата на градежно земјиште се утврдува со договорот за концесија, согласно со најповолната понуда од јавниот конкурс, односно прибраните понуди. Концесионерот ја остварува концесијата на негова сметка и ризик.

Концесијата се смета за доделена со склучување на концесиски договор меѓу концедентот и концесионерот по спроведувањето на постапката за доделување концесија. Периодот за кој се доделува концесијата се определува во договорот за концесијата согласно со јавниот повик за прибирање на понуди.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико