„Лајми“: САД нема да одобруваат визи за косовските функционери поради таксите | Правдико

Правдико

   

„Лајми“: САД нема да одобруваат визи за косовските функционери поради таксите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Соединетите Американски Држави нема да одобрат виза за ниту еден косовски функционер по одбивањето на Приштина да ги укине или суспендира таксите за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, пренесе порталот „Лајми.нет“.

Според наводите на порталот, Вашингтон со тоа почнал да применува конкретни мерки кон функционерите по одлуката на косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, таксите да останат во сила.

Аналитичарот Артон Демхасај оцени дека се работи за притисок со цел да се убеди косовската влада да донесе одлука за укинување или суспензија на таксите. Не е сигурен до кога косовската влада ќе може да се спротивставува на барањата на САД и ЕУ.

„Видовме дека косовската влада останува одлучна и ќе видиме до кога ќе трае тоа, како ќе реагира на притисоците на САД или ЕУ“, вели Демхасај.

Тој оцени дека САД прашањето за таксите го сфатиле многу сериозно и додаде дека се можни и други потешки санкции од страна на Вашингтон кон косовските институции.

Претходно, интернет-страницата „Газета метро“, повикувајќи се на неименувани извори, напиша дека советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, се обратил кон косовскиот премиер Рамуш Харадинај во сериозен телефонски разговор со многу негативен тон. Според извори на овој медиум, најдоцна до следната недела стопроцентните царини за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина ќе бидат укинати.

САД од Косово побараа суспензија на таксите со цел да се овозможи продолжение на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а премиерот Харадинај е одлучен таксите да не бидат повлечени без гаранција на Вашингтон и Брисел, дека резултат на конечнниот правнообврзувачки договор помеѓу Белград и Приштина ќе биде признавањето на косовската независност.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико