Лажен стечај како кривично дело | Правдико

Правдико

   

Лажен стечај како кривично дело

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

bankruptСтечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства  на доверителите. Она што како главен проблем се јавува денес, е злоупотребување на постапката за стечај за гаснење на правното лице како и сите побарувања кон него, во корист на управителот. Злоупотребата се врши преку разни форми на манипулација со сметководствената евиденција, водење на фалсификувани биланси, прекумерно задолжување без можност за плаќање на обврските и слично. 

Со цел заштита од ваквите злоупотреби во Кривичниот законик на РМ, пријавувањето на лажен стечај е предвидено како кривично дело за кое се пропишани парични казни и казна затвор.

Како кривични дела поврзани со лажниот стечај, се: Намерно предизвикување стечај, Предизвикувањето стечај со несовесно работење,  Злоупотреба на постапката за  стечај  и Оштетување или повластување на доверители.

Намерно предизвикување стечај

Тој што со намера да избегне обврска за плаќање ќе предизвика стечај со привидно продавање на имотот или негов дел, со префрлање на средства на други сметки или отстапување без надоместок или отуѓување со несразмерно ниска вредност, со склучување лажни спогодби за долг или признавање невистинити побарувања или на друг начин намерно повласти доверители или со прикривање, уншитување, преправање или водење деловни книги така што да не може да се утврди неговата вистинска имотна состојба, ќе се казни со затвор од една до пет години и со парична казна.

Предизвикувањето стечај со несовесно работење

Тој што знае дека самиот или некој друг како должник е трајно неспособен за плаќање со неразумно трошење и отуѓување предмети и права за несразмерно ниска цена, со прекумерно задолжување, со преземање несразмерни обврски, склучување или обновување договори со лица неспособни за плаќање, со пропуштање да се оствари побарување или на друг начин ги повредува своите должности при управувањето со имотот или при водењето на работата и со тоа ќе предизвика стечај, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Злоупотреба на постапката за  стечај

Тој што во постапката во стечајната постапка ќе пријави лажно побарување, за да оствари право кое не му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Исто така ако доверител, член на одбор на доверители или стечаен управник, кој за себе или за друг ќе прими имотна корист или ветување на имотна корист, за да се донесе или да не се донесе одлука во определена смисла или на друг начин да оштети барем еден доверител во постапката за стечај ќе се казни со парична казна или затвор до три години.

Со казната  ќе се казни тој што на доверител, член на одборот на доверители или стечајниот управник ќе му даде или вети имотна корист заради остварување на делото. Ако делото  го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Оштетување или повластување на доверители

Одговорно лице кое знаејќи дека правното лице станало трајно неспособно за плаќање, со исплата на долг или на друг начин намерно ќе стави некој доверител во поповолна положба оштетувајќи ги со тоа другите доверители, ќе се казни оо парична казна или со затвор до три години.  Исто така одговорно лице кое знаејќи дека правното лице станало трајно неспособно за плаќање, со намера да ги изигра или оштети доверителите ќе признае невистинито побарување, ќе состави лажен договор или со некое друго измамничко дејствие ќе оштети доверители, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Ако поради делото  настапила имотна штета од големи размери или поради тоа правното лице паднало под стечај, сторителот ќе се казни со затвор од една до дссет години. Ако делото  го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико