Либан - помеѓу Истокот и Западот | Правдико

Правдико

   

Либан помеѓу Истокот и Западот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На прв поглед, Либан може на многу луѓе да им изгледа како уште една држава од блискиот исток, со внатрешни немири, постојани конфликти и религиски поделби. Меѓутоа, Либан не е класична држава од тој регион, точно е дека истите тие немири и внатрешни религиски поделби постојат, но од друга страна пак, многумина незнаат дека Бејрут, главниот град на оваа држава веќе одамна е нарекуван “Париз на блискиот исток”.

liban

 

Доказ за тоа дека Либан не е уште една класична држава од блискиот исток е најпрво религиската поделба која постои во државата, а потоа и политичкиот систем кој токму под влијанието на истата таа религиска поделба е создаден, и на некој начин, успешно функционира. Интересно за оваа држава е тоа што ниту една религија нема мнозинство. Христијани, муслимани и друзи, тоа се трите религии кои преовладуваат во овој мал дел од блискиот исток кој бил и на некој начин сеуште е прибежиште на малцинствата од регионот. Официјални податоци за тоа каков е соодносот на едните со другите, не постојат бидејќи официјален попис во оваа држава не се спроведува со децении, од повеќе познати причини.

liban2Политичкиот систем кој е создаден во оваа држава, е создаден веднаш по прогласувањето на независност, за време на втората светска војна. Интересно е тоа што, по непишано правило, претседателот на државата, без исклучок мора да е христијанин маронит, премиерот муслиман сунит, а претседателот на собранието муслиман шиит. Пратеничките мандати се поделени на еднаква основа, со тоа што и христијаните и муслиманите имаат еднаков број на пратеници во парламентот, па според тоа при секое формирање на влада мора да учествуваат партии од двете најголеми религии. Историјата на оваа држава, не била секогаш мирна и се чини дека, граѓанската војна која траеше 15 години, сеуште има последици врз населението.

Либан бил создаден по падот на отоманската империја, под француско влијание како еден вид прибежиште за христијаните од регионот, но французите покрај првичната територија која била одредена за новата држава, која била планирана пред се, како христијанска држава, ја додале и долината Бекаа, која била дел од Сирија и која е населена со муслимани. Од тука започнуваат и поголемите проблеми на Либан, бидејќи сиријците никогаш се немаат откажано од долината која зафаќа една третина од вкупната територија на оваа држава. Територијалните претензии на Сирија, и егзодусот на палестинците на либанска територија за време на создавањето на Израел, се само дел од проблемите кои со текот на времето ја добиле својата кулминација за време на граѓанската војна од 1975 до 1990 година, во која Израел, Сирија и палестинската ослободителна организација – ПЛО, ја користеле територијата на Либан како воено поле за своите меѓусебни конфликти.

Иако повеќе од 70 години е независна држава, Либан сеуште го бара својот идентитет. Покрај религијата која ги дели граѓаните на оваа држава, тука е и прашањето на идентитетот кое ги засега сите граѓани на оваа држава. Интересно е тоа дека иако најголемиот дел од нив го говорат арапскиот јазик и се чуствуваат како арапи, постои и еден значителен дел од граѓаните во оваа држава, кои воопшто и не се чуствуваат како Арапи, некои од нив своето потекло го бараат дури и кај старите феникијци и тотално се оградуваат од арапскиот свет, кој не го чуствуваат како свој. Сепак во едно се сите согласни, а тоа е дека Либан е нивниот заеднички дом, бидејќи освен религијата која на некој начин ги разделува, скоро сите во Либан се чуствуваат како либанци и како такви се горди на својата татковина, каква и да е таа.

Либанското општество за разлика од останатите на блискиот исток, по својата природа е далеку по либерално, барем на прв поглед. Граѓанската војна иако е дел од блиското минато, сепак е далеку од нив, како држава и како народ кој постојано е навикнат на политички атентати, ретко е да се најде, барем во денешно време, настан од таков вид кој би можел да обедини цела една нација, без оглед на религиската припадност, а тоа се атентатот на поранешниот премиер Рафик Харири и министерот за транспорт Пјер Џемаел, муслиман и христијанин. Овие два атентати кои најверојатно беа извршени по сириска наредба, успеаа да го создадат тоа што повеќе од 70 години изгледаше дека е невозможно, да го обединат либанскиот народ. Сепак, иднината на оваа држава е сеуште неизвесна, самата местоположба ја прави ситуацијата во Либан да биде нестабилна. Старите поделби сеуште постојат, а на моменти е потребна само искра за се да започне од ново.

333Проблемот (ако може така да се нарече) кој постои во оваа држава е во тоа што во такво опкружување и со такви соседи, не е едноставно да се одржи стабилноста во сосптвената земја, а притоа да се спречат поделби и внатрешни конфликти. За разлика од своите соседи, Либан е држава која е во најголем дел, про-западно ориентирана, со либерална политика и до одреден степен, функционална демократија. Сепак, регионалните сили сеуште имаат своја голема улога во либанското општество, па така конфликтот кој сеуште трае во Сирија, ги разгоре старите поделби, во случајов помеѓу самите муслимани, пред се помеѓу шиитите и сунитите. За тоа колкаво влијание имаат соседите на Либан во либанското општество, говори и фактот дека Сирија имаше свое воено присуство на либанска територија, скоро 30 години, до 2005 година, а Израел пак од друга страна во два наврати изврши инвазија на Либан, во заштита на своите интереси.

Исто така, не смее да се заборави и на фактот дека Хезболах има големо пристуство во оваа држава, па дури и свои пратеници во либанскиот парламент, исто така тука се и палестинските бегалци, кои не се државјани на Либан, но веќе со децении живеат на територијата на оваа држава. Навистина не е лесно да се одржува стабилноста на една држава, во која терористичка организација како Хезболах учествува во креирањето на владата, и на чија што територија живеат околу 300.000 палестинци.

Но, од друга страна пак, Либан не е класична држава од блискиот исток, иако местоположбата ја прави да биде земја од тој регион, сепак Либан е држава со поглед кон западот, со далеку по модерни и по либерални вредности од останатите во регионот. Сепак, останува времето да покаже каква ќе биде иднината на оваа држава, бидејќи како што знаеме, не е лесно да се одржува стабилност и соживот помеѓу сите религиозни заедници, особено не додека сеуште постои големо влијание од соседите за дестабилизација на државата.

Се разбира, тука е и прашањето каков би бил исходот од граѓанската војна во Сирија, и колку тој конфликт би можел да се прелие на територијата на Либан. Во секој случај, каква и да е иднината на оваа држава, таа ќе биде интересна за анализирање бидејќи самата држава и нејзиното фунцкионирање, покрај внатрешните религиозни поделби и политичкиот систем создаден под нивно влијание, е на еден начин своевиден феномен во тој дел од светот. Во регион во кој барем до сега, државите се навикнати на сосема други вредности и ставови, Либан е далеку пред своите соседи, од кои некои сеуште се борат и за основните демократски вредности.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико