Лидерите на ЕУ избираат нов претседател на ЕК
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Гласањето и очекуваниот избор на Жан-Клод Јункер за претседател на Европската комисија, лидерите на земјите-членки на Европската унија го оставија за денеска, во рамки на вториот ден од Самитот на ЕУ.
По синоќешното присуство на шефовите на државите и Владите на церемонијата во градот Ипер во Белгија на одбележување на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, тие одржаа неформална вечера како почеток на јунскиот Самит, на која според претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, ја отвориле темата за идниот прв човек на Еврокомисијата.
Сепак, гласањето за наследник на Жозе Мануел Барозо, според челникот на Советот, ќе се одржи денеска.
Според најавите, Самитот на Советот е сконцентриран на Европскиот семестар, правдата и внатрешните работи, како и на енергетската безбедност и климатските промени. Европскиот совет ќе се сретне и со украинскиот претседател и ќе разговара за ситуацијата во Украина.
Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ потоа ќе разговараат и за изборот на следниот претседател на Европската комисија, при што се очекува судир меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон, во однос на назначувањето на Жан-Клод Јункер за наследник на Барозо.
Во исто време, Ван Ромпуј и претседателот на Еврокомисијата, Жозе Мануел Барозо, денеска ќе ги потпишат договорите за асоцијација со Грузија и со Молдавија, а ќе биде завршен и процесот на потпишување на спогодбата со Украина, што за секоја од овие земји обезбедува длабока и сеопфатна слободна трговска зона со Унијата.
Извор: 24 Вести