Лошите оцени за судството не ги загрижуваат судиите | Правдико

Правдико

   

Лошите оцени за судството не ги загрижуваат судиите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sudЛошите оцени искажани во последниот извештај на Стејт департментот во делот на судството, каде се констатираат проблеми во владеењето на правото, долгите судски постапки, политички влијанија, како да не ги загрижуваат првите луѓе на македонското судство. И покрај тоа што истите забелешки се среќаваат и во рапортите на македонските невладини организации, како и во извештаите на државните институции задолжени за заштита на правата на граѓаните, каде се бележи нагорен тренд во бројот на претставки, надлежните уверуваат дека работите во оваа област одат на подобро и оти нема политички влијанија.

Народниот правобранител Иџет Мемети смета дека извештајот на Стејт департментот е реален во делот на судството и оти на неколку места се повикува и на нивните укажувања.Тој вели дека од година во година, расте бројот на претставки за работата на правосудството, а граѓаните особено се жалат на остварувањето на правна заштита пред управното судство.

„За само два месеца од почетокот на оваа година, имаме 150 претставки за судство, од кои 20 отсто се однесуваат на судење во разумен рок. Ако се погледнат бројките од претходните две години, може да се види дека трендот на незадоволство од судството бележи нагорна линија“, вели Мемети.

Илустрирајќи го тоа низ бројки, тој посочува дека во 2012 година од добиените 710 преставки за правосудната област, дури 524 биле за одолговлекување на постапката и судење во разумен рок, додека 186 се за други проблеми поврзани со судовите. Лани, пак, од 732 претставки во делот на правосудството, 547 се за одолговлекување на постапката, а 185 за други прашања.

„Добро е што Македонија воведе механизам во Врховниот суд за судење во разумен рок. Сепак, сметам дека начинот на кој што комуницираат судовите со второстепените комисии во управната постапка е на ниско и незадоволително ниво. Тоа остава впечаток дека правото на жалба и тужба во управните спорови не може доволно да се искористи како ефективно правно средство“, оценува Мемети и препорачува дека е потребно да се надогради системот на комуникација и да се охрабрат граѓаните да го користат механизамот за судење во разумен рок пред Врховниот суд.

Претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска, тврди дека во последните две години Управниот суд покажува ажурност, а судиите не само што ги остваруваат нормите, туку и ги надминуваат.

„Постои голем прилив на предмети во овој Суд, а постапката е малку поспецифична, отколку во останатите судови. Проблемите настануваат заради тоа што, од моментот на поднесување на тужбата, управните судии мора да ги бараат списите од државните органи и се губи време. Тоа остава впечаток дека се доцни со постапката“, подвлекува Зафировска.

Првиот човек на Судскиот совет не се согласува ни со обвинувањата за политички влијанија, а уште помалку за монтирани судски процеси и политички осуденици.

Извор: Утрински весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико