Македонија и Хрватска се фаќаат во костец со корупцијата | Правдико

Правдико

   

Македонија и Хрватска се фаќаат во костец со корупцијата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Македонската и хрватската полиција продолжуваат со соработката со цел да се изведат пред лицето на правдата актуелните и поранешните високи функционери осомничени за корупција, вклучително и прекугранична измама, велат експертите.

MIKIphoto

Македонската полиција го уапси поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески и група од 15 соработници, меѓу кои и поранешни службеници во локалната власт, под сомневање за злоупотреба на позициите на јавна доверба и јавните средства во периодот меѓу 2005 и 2013 година.

Обвиненијата, исто така, вклучуваат перење пари, уништување и фалсификување официјални документи, вклучително и деловни книги и примање мито.

Општина Охрид има акумулиран долг од 50 милиони евра и е најзадолжена општина на Балканот по глава на жител, вели актуелниот градоначалник Никола Бакрачески.

„Затекнавме ситуација во која ние предвреме сме потрошиле пет до шест општински буџети“, изјави Бакрачески за SETimes.

Полицијата сѐ уште трага по двајца осомничени, од кои едниот е надвор од Македонија.

Властите велат дека комуникациите меѓу полициите во регионот функционираат добро во случаите на корупција на високо ниво што може да влијае на прекуграничната безбедност.

„Согласно со меѓународните протоколи, ние 24 часа дневно сме достапни за какви било информации за полициите во Европа и светот, што би биле потребни за апсење на лицето кое се бара. Кај нас меѓународните потерници се распишуваат по наредба на судот, а таков е и последните случај за лицето по кое се трага“, рече за SETimes Иво Котевски, портпарол на македонската полиција. Поголемата регионална соработка меѓу полицијата и со Интерпол е неопходна за сузбивање на корупцијата и, исто така, за осигурување на прекуграничната безбедност, според Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи на Македонија.

„Преку Интерпол меѓународната потерница која ја распишуваат домашните власти ја добиваат сите членки на Интерпол. На кој било граничен премин бараните лица се апсат. … Таквата соработка сигурно дава резултати“, изјави Трајанов за SETimes.

„Ексградоначалникот ја предводел групата, а ангажирал и советник и раководители. Биле потпомогнати од седумина [корумпирани] вработени во општина Охрид“, рече Котевски.

На други места во регионот, властите во октомври го уапсија градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, под сомневање дека бил дел од групата од 18 лица вклучени во кривични дела, како што се измама во врска со комунален отпад, имот и незаконски вработувања.

„Функциите им се исти, но начинот на извршување на наводните кривични дела им е различен. Ако имало криминал, сите сме за тоа да биде санкциониран до крај, и еднаш да излеземе од овој ќор-сокак каде криминалот е организиран“, рече Владимир Пивоваров, професор на студиите по безбедност на Универзитетот ФОН во Скопје.

Експертите велат дека во ваквите кривични дела со прекугранични импликации, властите мора да бидат посебно внимателни и да се придржуваат на домашните закони, како и меѓународните конвенции за човековите права.

„Јас не сум против тоа да се води постапка и да се утврди одговорност ако некој е осомничен дека сторил некакви кривични дела. Но, нека тоа се утврди, а потоа нека се поведе постапка“, рече за SETimesСлаѓана Тасева, претседател на Трансперенси интернешнал Македонија.

Тасева вели дека градоначалниците држат значајни позиции во општеството и нивната работа е да спроведуваат важни проекти од интерес за граѓаните, и токму затоа домашните закони ги санкционираат построго поголемите кривични дела, со подолги затворски казни.

„Она што треба да го прават градоначалниците е да се грижат за законитоста на работењето на нивните општини. Имаат големи надлежности и одговорности во делот на одлучувањата. Тие треба да се први што ќе го почитуваат законот, а во тоа влегува и спроведувањето на програмите за работење на општините. …Мора да ги почитуваме законите, но и човековите права“, рече Тасева.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико