Македонија и САД ги јакнат воените врски | Правдико

Правдико

   

Македонија и САД ги јакнат воените врски

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во обид за забрзување на својот влез во НАТО, Македонија планира да спроведе заеднички воени вежби со Соединетите Американски Држави.

krivolak

Земјата е подготвена да стане полноправна членка на воената алијанса, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на 24-ти февруари, за време на својот прв состанок со Џес Бејли, новиот американски амбасадор во Македонија.

Јолевски ги опиша реформите во одбраната, развојот на Воената академија и напорите за подобрување на капацитетите на војниците. Тој, исто така, го истакна придонесот на Македонија во мисиите предводени од НАТО во Авганистан.

„Македонија и Соединетите Американски Држави се стратешки партнери со долгогодишно искуство на полето на соработката“, изјавија за SETimes од македонското Министерство за одбрана.

„Го започнувам својот мандат со голема благодарност за силното пријателство меѓу нашите две земји“, рече Бејли. „Ние сме партнери и сојузници. Нашите војници се борат рамо до рамо во Авганистан.“

„Во изминатите 20 години, минувајќи и низ тешки времиња, работевме заедно и постигнавме многу во остварувањето на заедничките цели, пред сѐ изградбата на Европа, цела, слободна и во мир, и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ“, додаде тој.

Темата на заедничката обука и нејзиниот бенефит за пристапувањето на Македонија во НАТО се наметна на крајот од јануари, кога Јолевски се состана со генерал Волтер Ли Милер во Командата на специјалните операции на Соединетите Американски Држави во Тампа, Флорида.

Генерал Васко Ѓурчиновски, командант на Полкот за специјални операции на македонската армија, му се придружи на министерот за одбрана при посетата на американската воена команда.

Единиците на Македонската армија (АРМ) кои ќе учествуваат во мировните операции на НАТО „на Средниот Исток и Блискиот Исток“ веќе го користат армискиот воен полигон Криволак, рече Јолевски. Министерот предложи воениот полигон да се користи за заеднички вежби на специјалните единици на македонската и американската армија.

Јолевски и Милер, исто така, дискутираа околу можноста американските сили за специјални операции да ги обучуваат македонските војници.

Партнерството меѓу двете земји „датира од 1994 година, на сите полиња“, рече полковник Мирче Ѓорговски, портпарол на АРМ.

„Ова партнертство ѝ помогна на Македонската армија, не само во јакнењето на нејзините капацитети и обуката за учество во мисиите на НАТО, туку и во поглед на структурирањето на армијата во согласност со стандардите на НАТО“, рече Ѓорговски за SETimes.

„Досега повеќе од 6.000 припадници на АРМ се обучуваа во единиците или во школите на Американската армија, број што ја индицира големината и важноста на билатералната соработка“, додаде тој.

Поддршката од Американската армија не е ограничена на обуката. Минатата година во касарната Илинден во близина на Скопје, македонската воена полиција доби опрема во вредност од скоро еден милион долари.

„Интероперабилноста е еден од најважните принципи на адаптација на секоја армија која се залага да се доближи до воените стандарди на Евроатланската алијанса“, рече Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико