Македонија ќе ги користи искуствата од ЕУ за фирмите што се во ликвидација или стечај | Правдико

Правдико

   

Македонија ќе ги користи искуствата од ЕУ за фирмите што се во ликвидација или стечај

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска ја отворија дводневната меѓународна конференција за стечај и ликвидација, во рамки на проектот за јакнење на административните капацитети за имплементација на правната рамка за стечај и ликвидација на компаниите (СЦБЛ).

„Освен Министерството за економија, придобивка од проектот ќе имаат бизнис-секторот и целото стопанство, поради што ќе се формира посебна работна група за разгледување на препораките од проектот за зајакнување на административните капацитети, како и од бизнисот за подобрување на законската рамка за стечај, во која ќе учествуваат и институции кои ја имплементираат законската рамка и од нив ќе се очекуваат нови предлози за законски решенија, кои ќе доведат до поефективно и поефикасно спроведување на стечајната постапка“, истакна министерот Бектеши.

Министерот истакна дека верува во поддршката на Европската Унија за модернизација на правната рамка за инсолвентност, со нов пристап и фокус кон реструктурирањето на фирмите наместо нивна ликвидација и дека во оваа насока ќе се настојува Македонија да ги следи и овие, но и европските насоки за зголемување на свеста за значењето на раното предупредување и навременото започнување на реструктуирањето, за надминување на инсолвентноста и спасување на работните места, за зачувување на вредноста на имотот, а со тоа и на иднината на компаниите.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека во Европската Унија секојдневно преку 600 компании банкротираат и оти  половина од сите бизниси во ЕУ не успеваат да ги преживеат првите пет години од нивното постоење. Тој нагласи дека излезот од пазарот има негативни последици за економијата и општеството и предизвикува загуба на работни места и знаења.

Со конференцијата се заокружуваат проектните активности реализирани во изминатите 17 месеци со кои се направи  анализа за пропустите  во законската регулатива во Македонија во споредба со европското законодавство во доменот на стечај и ликвидација  и се направени многубројни обуки и тркалезни маси на кои присуствуваа околу 500 претставници од релевантните институции. Заклучоците од конференцијата ќе бидат имплементирани во дневниот ред на работната група што ќе ја формира Министерството за економија за измена и подобрување на законската рамка за стечај.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико