Македонија лидер по малцински права
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Предизборната кампања, во која политичарите, логично, се обидуваат да добијат што е можно повеќе гласови, се одликуваше со говори што, меѓу другото, искреа со набој и потенцијал. Некои од јавните настапи и говори многу лесно ги распалуваа националните или верските чувства на граѓаните.
Во истиот тој контекст, поимите „поделена Македонија“, „федерализација“, „ние и тие“ беа само мал дел од реториката што се применуваше, без да се размисли за дистинкцијата што се предизвикува, тенденција за поделба и сегрегација, и тоа физичка, конфесионална, национална, па дури и интраетничка. Со еден збор, некои од говорите како да ја разбудија нетрпеливоста, па дури и омразата кај граѓаните по таа основа. Посебен акцент беше даден на односите на државата кон најмногубројната малцинска група, албанската, односно „новите перспективи на правата“ што тие ги уживаат во Република Македонија. Тоа беше и појдовната точка на нашата новинарска опсервација за правата на малцинските заедници, нивото и нивните стандарди во нашата земја и како се тие регулирани.
Со потпишувањето на охридскиот рамковен договор, Македонија стана исклучително „отворена“ држава за правата на малцинствата. Тоа доведе до едно ново ниво на мултикултурно општество, кое и законски беше регулирано, пред сѐ со стимулирање на одредбите на рамковниот договор во Уставот на Република Македонија. Меѓутоа, за жал, и покрај тоа што рамковниот договор и неговите одредби се реализираа и де јуре и де факто во општествениот живот во државава, на еден дел од етничките ентитети апетитите останаа незаситени, а во секојдневниот живот сепак остана да се чувствува поделеност. Различностите секогаш ја правеле Македонија тоа што е. Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и другите етникуми се дел од државата и имаат свои заслуги за тоа што е Македонија денес. Според експертите, Македонија има респективна традиција во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, што општеството го прават мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално.
– Во современоста, во светот егзистираат над пет илјади етнички групи или заедници и за многу малку земји може да се рече дека нејзините граѓани ѝ припаѓаат на иста етнонационална група (како што е Исланд или двете Кореи). Повеќето држави во светот имаат разновидност на етнички групи, религии и култури. Иако мнозинството држави се гледаат како држави-нации (нејшн стејт), само неколку се такви што навистина можат да кажат дека во таа држава живее една нација односно етничка група, без малцинства. Мултикултурниот проект е повеќедимензионален, отворен за разни толкувања и интерпретации – смета Жидас Даскаловски од Факултетот за безбедност.
Според него, мултикултурализмот го промовира концептот на разлики, на признавање и почитување на разликите.
– Мултикултурализмот во сферата на државната политика има две цели: одржување на складните односи помеѓу различни етнички групи, особено мнозинските и малцинските, признавање на правата на различни општествени движења и групи во чии основи нема расни и(ли) етнички примеси; и дефинирање на односите помеѓу државата и националните малцинства, етнички групи и други општествени движења. Во основа тоа е скап и комплексен процес, од кој политичарите бегаат и ретко го применуваат. Македонија не е исклучок – вели Даскаловски.
Според лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ, состојбата со почитувањето на малцинските права и правата на малцинските заедници во Република Македонија има сериозен напредок и е на сериозно високо ниво.
– Во таа насока, многу е направено за малцинските заедници. Меѓутоа, работите никогаш не се завршени, односно секогаш постојат работи што треба да се доуредуваат. Како и да е, имаме направено сериозен напредок – вели Стоилковиќ.
Според Тони Науновски, стандардите за малцинските права и правата на малцинските заедници се толку високи што не се споредуваат со правата на малцинствата во другите држави на Балканот. Тој истакнува дека тие стандарди и права во Македонија се толку високи што дури ги загрозуваат основните права на народот што е носител на државноста – македонскиот.
Исто така, Науновски истакнува дека споредбата на малцинските права во Македонија и во регионот е речиси невозможна, во која било смисла на зборот, особено во една компаративна анализа на третманот на малцинските заедници меѓу Македонија и другите држави на Балканот (особено Република Бугарија, Република Грција и Република Албанија).
– Охридскиот рамковен договор, односно актуелниот Устав на Република Македонија, е амплифицирање на сите познати конвенции и стандарди за малцински права, до ниво на самодеструкција на системот на државата. Наспроти рамковниот договор, во соседните држави на Република Македонија малцински права практично и нема, бидејќи македонското малцинство (и другите) воопшто не е признаено и идентификувано како реален факт и, врз основа на тоа, заштитено со законски механизми – смета тој.
Науновски вели дека во светлина на современите процеси во политичкиот дискурс на соседните држави на Македонија станува сосема јасно дека многу аспекти од функционирањето на нашата држава значително отстапуваат, па дури и се во спротивност со нивните етаблирани практики во однос кон нивните национални малцинства.
– За разлика од Република Македонија, нивната сила и стабилност како држави, нивниот начин на функционирање во кој не се појавуваат посериозни проблеми во смисла на тенденции за деструкција на нивниот концепт за држава, произлегуваат токму од официјалните политики кон националните малцинства, а кои долготрајни политики, како што гледаме, никој во светот не ги осудува, напротив! За разлика од Македонија, тие држави сфатиле каде се најголемите опасности по нив, каде е можноста за ослабување и распад на државата, и од каде произлегуваат најголемите проблеми внатре во системот и институциите на државата – вели Науновски.
Тој истакна дека отстапувањето од утврдените стандарди во функционирањето на државите (кои постојано ги прави Македонија), воведувањето закони што не се познати во современиот свет, ја доведоа Македонија до актуелната состојба, на граница на распад и самоуништување.
– Иако е јасно дека многу од новите уникатни практики во политичкиот дискурс беа направени под силен притисок од други држави, структури и инстанци, јасно е и дека истите тие притисоци на ниво на закани немаше воопшто да ги има доколку не се започнеше со експериментирањето и руинирањето на првобитниот, автентичен концепт на државата Македонија како држава на македонскиот народ. Тоа и денес е така во нашиот Устав, но само теоретски, во практиката веќе одамна се напуштија границите поставени од уставните одредби – заклучува тој.
Извор: Нова Македонија