Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи со ОБСЕ | Правдико

Правдико

   

Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи со ОБСЕ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Северна Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи на ОБСЕ, заедно со овогодишниот претседавач Шведска и претседавачот во 2022 година Полска, додека веќе во 2021 година земјата ќе претседава со медитеранските партнери за соработка на ОБСЕ како генерална проба за обврските како претседавач со организацијата во 2023 година.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочи дека денешната работна средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, била искористена генерално за прашања поврзани со процесот на организација и самото претседавање на нашата земја со ОБСЕ.

„Очекуваме исполнета и конструктивна агенда и успешно претседавање во 2023 година. Претседавањето со организацијата сериозно ќе придонесе кон зајакнато позиционирање на земјата во меѓународни рамки како конструктивен актер и сериозен придонесувач во зачувување на мирот, стабилноста и соработката“, изјави Османи.

Тој изрази уверување дека државата ќе вложи максимум процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен. Според него, државата ќе биде ориентирана кон креирање решенија кои ќе овозможат напредок и позитивни придвижувања на процесите во организација.

ОБСЕ, посочи Шмид, е единствена платформа за разговори за безбедносни прашања, како и дека прашањата кои се однесуваат на безбедноста мора да се разгледуваат и од гледна точка на животната средина, почитување на човековите права и владеењето на правото.

„Секако Северна Македонија придонесува кон безбедноста, веќе постигнавте голем напредок во последните години во реформирањето на вашето законодавство како дел од процесот на пристапување кон ЕУ, обезбедувајќи почитување на сите етнички заедници“, изјави Шмид, поздравувајќи го учеството на земјата во регионалниот проект за мониторинг, во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Шмид изјави и дека секогаш е важно да се спроведат препораките коишто се даваат пред и по изборите и очекува Северна Македонија да ги спроведе.

Извор: Радио слободна Европа

Партнери на Правдико