Македонија слави 25 години независност | Правдико

Правдико

   

Македонија слави 25 години независност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

nezavisna makedonijaРепублика Македонија во четврток прославува 25 години независност, кога на денешен ден во 1991 година македонските граѓани се изјаснија за самостојна независна држава.

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, изјави тогаш првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, соопштувајќи ги резултатите од референдумот.

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Пред референдумот, во Собранието беше изгласана Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.

Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Потоа на 17 ноември следеше усвојувањето на новиот Устав, чие изгласување го бојкотираа Албанците во македонското Собрание. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна е Декларација за дисолуција на Југославија што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.

Македонија беше меѓу четирите од шесте поранешни југословенски републики заедно со Словенија, Хрватска и БиХ кои позитивно се изјаснија по Декларацијата. Иако само Македонија и Словенија добија позитивни оценки од специјално формираната Бадинтерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во средината на јануари, 1992 година, ги призна само Словенија и Хрватска.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна државноста на Македонија. Следуваа признавањата од Турција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина…

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

Во изминатите 25 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури.

Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со над 190 држави во светот, а под уставното име е признаена од 124, меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

Препорачуваме

Партнери на Правдико