Македонија со потерница бара над 760 криминалци за во затвор | Правдико

Правдико

   

Македонија со потерница бара над 760 криминалци за во затвор

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Александар З. од Скопје 17 години успешно бега од полицијата откако во 1997 година бил осуден на 10 години затвор за кривично дело тешка кражба.

zatvor-idrizovo-VP-3

Александар е единствениот криминалец кој најдолг период е во бегство, откако бил осуден во отсуство за кражба што ја извршил во 1995 година. Судот нема информација дали Александар се крие надвор од земјата со лажен идентитет или, пак, успешно се крие во Македонија. 

Се трага по 766 осуденици

Ако Александар не биде уапсен во наредните три години, тогаш досудената пресуда нема да ја издржи, односно извршувањето на казната ќе застари. Според законот, застареност на извршувањето на казната затвор од 10 години истекува откако ќе поминат 20 години.

Пред еден месец во Тетово беше уапсен Реис С. (54) од гостиварското село Речане по 13-годишно бегство од полицијата. Тој се барал за убиство што го извршил во 2001 година за што бил осуден со правосилна пресуда на 10 години. Тој веднаш бил спроведен во затворот во Идризово. Според неофицијалните полициски информации, Реис С. со повеќе истрели од автоматска пушка го убил Алберт О. од тетовското село Равен. Убиството се случило вечерта на 10 август 2001 година, во селото Речане.

Убиството го извршил со уште едно лице кој му бил соселанец и бил уапсен набргу по убиството. Две години подоцна, Судот во Тетово во отсуство го осудил Реис С. на 10 години затвор. Соучесникот бил осуден на осум години затвор. Во меѓувреме тој ја одлежал казната.

Според податоците на Основниот суд Скопје 1, во моментов има над 700 осуденици кои бегаат од издржување на затворската казна.

– Во моментов има 766 активни наредби за приведување за издржување казна затвор. По колку од нив има распишано меѓународни потерници судот не води статистика бидејќи меѓународна потерница распишува Министерството за внатрешни работи. Најстарата наредба е распишана во 1997 година за лице од Скопје со иницијали А.З. осуден во предмет K.бр. 575/95 на 10 години затвор за кривичното дело тешка кражба – велат од Одделението за извршување санкции при Основниот суд Скопје 1.

И казната затвор застарува

Осудениците што се во бегство може да ја избегнат казната ако помине извесен временски период до застарувањето на казната. Тоа е регулирано со член 109 од Kривичниот законик, односно застарувањето зависи од висината на казната.

За пресуда доживотна казна, казната застарува кога ќе поминат 30 години од пресудата, односно ако осуденикот е во бегство 30 години. За казна затвор од 10 години, застарувањето поминува по 20 години. За две години застарува пресуда до една година или парична казна.

Голем дел од бараните лица биле уапсени во странство, но често преку правните и други лавиринти успеале да го избегнат испорачувањето во земјава. Токму затоа и потерниците по нив с` уште се активни. По барање од странски држави, на територијата на Македонија лани биле распишани 2.402 потерници по странски државјани и 16 објави по исчезнати лица.

Од друга страна преку Интерпол-Скопје лани се трагало по 225 нови осомничени за криминал по кои биле распишани меѓународни потерници. Меѓу земјите во кои се апселе бараните криминалци се Аргентина, Молдавија, Норвешка, Данска.

– Преку Националното централно биро на Интерпол-Скопје по наредба на надлежните судови и казнено поправните установи биле распишани вкупно 225 меѓународни потерници за лишување од слобода и нивна екстрадиција во Македонија. Од нив, 201 потерница се однесуваат за македонски државјани, а 24 се за странски државјани – велат од Интерпол-Скопје.

Сепак, најмногу од уапсените се фатени во Германија – 27, следуваат Швајцарија и Србија со по 14 уапсени на нивна територија, Италија – 12, Албанија – 10, Бугарија, Белгија и Австрија со по пет и Франција и Хрватска со по четворица уапсени. Бегалци од правдата се фатени и во Грција, Kосово, Унгарија, Босна и Херцеговина, Шпанија, Шведска, Чешка, Молдавија, Данска, Норвешка.

Даниела Вељановска

Скопјанец баран со потерница уапсен во Драч

Скопјанец баран по потерница бил уапсен пред дваесетина дена во албанскиот пристаништен град Драч, јавуваат тамошните медиуми. Станува збор за Самир Чекиќ (35) баран со меѓународна потерница на македонски Интерпол. Тој бил баран поради обвинение за недозволено производство на оружје и распрскувачки материи.

Скопјанецот бил уапсен од граничната полиција за време на процедурата за регистрација за влез во градот кога било утврдено дека станува збор за лице кое се бара со потерница.

Извор: Дневник 

Препорачуваме

Партнери на Правдико