Народниот правобранител: Затворениците спијат меѓу бубашваби и лебарки | Правдико

Правдико

   

Народниот правобранител: Затворениците спијат меѓу бубашваби и лебарки

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Затворениците во речиси сите затвори во Македонија се жртви на нехуман и деградирачки третман. Ова е заклучокот на народниот правобранител.

Во затворот „Идризово“ затвореници спијат меѓу бубашваби и лебарки, на под. Во истражниот затвор „Скопје“ има посериозен проблем, а тоа е немањето вода во сите простории, кој останува нерешен од 2013 година кога објектот е отворен. Затворската полиција не успева да превенира ниту тепачки. Народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејства, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови.

„Веќе со години состојбата во КП ‘Идризово’ е повеќе од загрижувачка и под сите минимални стандарди. Во оваа установа се наоѓа речиси половина од популацијата што издржува казна затвор, со што овој проблем уште повеќе е сериозен. При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 квадратни метри, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија, од 19 квадрати, имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни, а се сместуваат повеќе од 9 лица. Поради несоодветните материјални услови, не се врши сместување во 2., 5. и во 8. крило. Условите не се подобри ниту во просториите што се користат. Просториите во кои се сместени лицата од отвореното одделение и т.н. амбулантско одделение може да се опишат како нехумани и деградирачки. Осудените лица сместени во овој оддел беа затекнати како спијат на подот, на сунѓери, во ходници, во импровизирани кревети, ставени еден врз друг на три ката. Хигиената e на ниско ниво, а просториите се полни со инсекти, како лебарки, бубашваби, тафтабити и слично. Осудените лица се жалат дека немаат пристап ниту до топла вода. Лошите материјални услови и недостигот на активности директно влијаат врз тензичната атмосфера, која ја има меѓу осудените лица“, рече народниот правобранител, Насер Зибери.

Посебен проблем се несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците. Во три казнено-поправни установи народниот правобранител добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање.

„Во затворот ‘Скопје’ се користат простории кои се лоши, а за кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека треба да бидат затворени и да не се користат. Притворениците се сместени во простории со мувла на ѕидовите, каде што има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен, и тие складираат вода во пластични шишиња“, додава Зибери.

Само во затворот во Тетово инфраструктурата е подобрена. Но, и тука има проблем, а тоа е изведувањето на воспитно-образовниот процес. Народниот правобранител додава: „Дури 58 отсто од децата во поправниот дом се на психијатриска дијагноза, проблемот е дотолку поголем што децата се прегледуваат од установи надвор од домот, во присуство на затворска полиција, што го ограничува чувството на доверба на овие штитеници со психијатар“.

„Во другите казнено-поправни установи увидено е дека се преземени активности за подобрување на инфраструктурата. Но, за жал, поради невнимателно нивно користење во затворот во Струмица и КП домот во Штип, просториите се руинирани. Како посебен проблем се појавува и прашањето на условите во кои се сместени лицата, како и здравствената заштита, процесот на ресоцијализација и воспитниот процес кај малолетните лица. Прекубројноста особено е изразена во КП „Идризово“, во Штип, во Прилеп, во затворот „Скопје“, во Битола и во Прилеп“, констатира народниот правобранител.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико